
Во Делчево денеска се одржа информативна сесија на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, на која беше промовиран новиот Инструмент за поддршка на зелени бизниси, во рамките на проектот „Greening Business Facility“, кофинансиран од Европската Унија.
На информативната сесија, претставниците на микро, малите и средните претпријатија имаа можност подетално да се запознаат со условите и можностите за добивање неповратна финансиска поддршка за имплементација на меѓународни стандарди и сертификати во работењето. Поддршката е наменета за воведување стандарди од областа на заштитата на животната средина, енергетската ефикасност, циркуларната економија, зеленото градежништво и земјоделството.
Инструментот предвидува две мерки: советодавни услуги за подготовка и имплементација на избраните стандарди и независно оценување, односно сертификација. За секоја од мерките е предвидена поддршка до 80% од прифатливите трошоци, односно до 150.000 денари без ДДВ. Вкупниот буџет на инструментот изнесува 13.500.000 денари, со кои се очекува да бидат поддржани меѓу 45 и 50 микро, мали и средни претпријатија.
Преку оваа финансиска поддршка, компаниите добиваат можност да ги унапредат своите деловни процеси, да ги намалат влијанијата врз животната средина, да ја подобрат енергетската ефикасност и да ја зголемат конкурентноста на домашниот и меѓународниот пазар.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека на нашите компании им овозможуваме пристап до нови знаења, современи технологии и финансиска поддршка што ќе им помогне да ги развиваат своите бизниси, а она што денес го нуди ИНОВА е токму еден таков конкретен чекор, со кој се отвора реална можност компаниите да воведат меѓународни стандарди и сертификати, да ги подобрат своите процеси и да станат поконкурентни.
–Како локална самоуправа, наша задача е да создаваме поволна деловна клима, да ги поврзуваме претприемачите со институциите и да се грижиме информациите за ваквите можности да стигнат до секоја компанија. Зашто, не е доволно само да постојат програми за поддршка – важно е бизнисите да знаат за нив и да можат да ги искористат. Верувам дека денешната сесија ќе биде корисна, ќе отвори нови перспективи и ќе поттикне конкретни иницијативи кај нашите претприемачи.Бидејќи кога инвестираме во позелени бизниси, не инвестираме само во успешни компании, туку и во почиста животна средина, поквалитетен живот и посигурна економска иднина за нашето Делчево, нагласи Гоцевски.
Општина Делчево ги охрабрува локалните компании и претприемачите да ги искористат достапните можности за поддршка и да инвестираат во одржливи, современи и конкурентни бизниси.




