За прв пат се чисти локалниот пат за с. Тработивиште

За прв пат се спроведуваат активности за чистење на локалниот пат за с. Тработивиште. Локалниот пат се чисти од диворастечки растенија, наноси, отпад по целата негова должина започнувајќи од крајот на ул „Маршал Тито“ во Делчево, па сè до с. Тработивиште. Оваа акција е приоритетна и неопходна, бидејќи состојбата на локалниот пат беше крајно лоша, со обраснати растенија покрај коловозот кои ја нарушуваа прегледноста и директно влијаат на безбедноста во сообраќајот.

Затоа една од првите задачи на градоначалникот Гоцевски беше да се расчисти овој локален патен правец кој е доста фреквентен.

-Во таа насока, испраќам и предупредување до учесниците во сообраќајот да бидат одговорни, да возат внимателно по оваа делница, бидејќи екипите на ЈКП „Брегалница“ работат покрај коловозот рачно и со соодветна механизација. Акцијата за чистење на локалниот пат е во рамките на Кампањата „Се бориме за почист дом: Делчево со нула толеранција за отпад“ која се реализира на моја иницијатива, рече Гоцевски.

Реализацијата на Кампањата тече со несмален интензитет и покрај лошите временски услови. Екипи на ЈКП „Брегалница“ ги исчистија од отпад и диворастечки растенија јавните површини покрај новиот градски пазар и сточниот пазар. Паралелно се чистат и оспособуваат и сливниците покрај коловозите на улиците низ градот.

Shares