Одржан историски час за ликот и делото на Делчево
Делчево започнува со реализацијата на меѓународна манифестација посветена на Гоце Делчев која ќе обедини голем број настани и активности преку кои на достоен начин ќе се афирмира делото на Делчев, како на домашна сцена така и во меѓународни рамки. Ова го истакна градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски во рамките на своето обраќање по повод Историскиот час посветен на Делчев, а во рамките на одбележувањето на 154-годишнината од раѓањето на патронот на градот, Гоце Делчев, организиран од СОУ „М.М.Брицо“.
Гоцевски посочи дека манифестацијата ќе трае во текот на целата календарска година и ќе обедини низа настани: поетски читања, литературни конкурси, музички концерти, научни трибини, мултимедијални изложби, меѓународни средби, афирмативни училишни часови и сл.
-Сакам да истакнам дека наследството на Делчев е нашиот аманет и како претставници на локалната власт и како народ во една современа држава. Затоа денеска зборуваме за неговото наследство, го промовираме неговиот лик и дело и од научен историски аспект даваме потврда за апостолот на македонската револуционерна борба. Целта не е само да се потсетиме за неговиот лик и дело, туку и да ја промовираме мислата на најмаркантанта личност од македонската историја- и младите генерации, идни градители на градот кој со гордост го носи неговото име, да знаат што е нивниот аманет, нагласи Гоцевски.
Историскиот час беше посветен на периодот во кој живеел и работел Делчев, на историските прилики, на неговиот лик и живот, но посебен дел беше посветен за улогата и дејноста на Делчев во Пијанечко-малешевскиот регион. Пред присутните гости и ученици говореа професори историчари: проф. Митко Антовски, проф.Спиридон Митевски и проф. Билјана Петровска.



