
Илјадници велигденско украсени јајца, најразлични креации и украси, но и слатки велигденски специјалитети спакувани во традиционалната „Велигденска изложба“ беа изложени на десетина штандови поставени пред летната сцена. Во Делчево денеска се славеше традицијата поврзана со Велигден и Велики четврток која на виделина ги извади сите креативни идеи на домаќинките, учениците, воспитувачките- поврзани со овој голем христијански празник кој е симбол на победата на животот над смртта.
Свои велигденски декорации изложија: ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св. Климент Охридски“, СОУ „М.М.Брицо“, детската градинка „Весели цветови“, ОО на Црвениот крст- Делчево, ФГ „Копачка“, вработените во ЈЛБ „Илинден“ и Здружението на граѓани „Серафина“.
Велигденската изложба има хуманитарен карактер, а на најдобро декорираните штандови им беа доделени награди. Првата награда за најдобар штанд во износ од 3.000 денари ја добија учениците од прехранбената насока при СОУ „М.М.Брицо“, детската градинка „Весели цветови“ ја освои втората награда во висина од 2.000 денари, а трета награда во висина од 1.500 ден освоија учениците од Primary school "Vancho Prke". Посебна пофалница за учество доби ЗФГ „Копачка“ за декорација на штанд со етномотиви и за промоција на традицијата.
Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма на која настапи ФГ „Никола Јонков Вапцаров“.
Инаку, традицијата поврзана со Велики четврток е појдовна идеја за Велигденската изложба или јајцејадата. Велики четврток е денот кога започнува Христовото страдање и кога е донесена неговата смртна пресуда по предавството од Јуда. Првото бојадисано јајце треба да е во црвено – и ја симболизира Христовата крв.



