
За време на летниот период и туристичката сезона кога има зголемен интензитет на сообраќај по патиштата, како и зголемени ризици по безбедноста во сообраќајот, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево и Општина Делчево, а во соработка со РСБСП, ОВР Делчево, РЦГР – Исток, РЦУК – ПЕ Делчево, Црвен крст на РСМ – ОО Делчево, Совет на млади при Општина Делчево ја реализира кампањата ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО.
Оваа кампања се спроведува трета година по ред и има за цел унапредување на ставовите на учесниците во сообраќајот, зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди со последици за време на летниот период. Учесниците во сообраќајот се потсетуваат за важноста од одговорното учество во сообраќајот при патувањата (возењето одморен, важноста на техничката исправност на возилата, употребата на сигурносни појаси во возилата, опасноста од употребата на мобилените телефони додека се управува со возилото, предности за користење на јавниот број 112 итн.), но и се врши едукација на одредени групи учесници во сообраќајот што би придонело кон подигнување на јавната свест за безбедно и одговорно учество во сообраќајот.
Во рамки на кампањата се поттикнуваат граѓаните бесплатно да ги проверат своите возила пред патување во станиците за технички преглед на возила во Делчево „Автовозач Фер“ и „Ликеј Делвин“.
Согласно податоците од Анализата на сообраќајните незгоди за 2025 година кои се имаат случено на подрачјето на општина Делчево може да се забележи дека во месеците мај, август и ноември се евидентирани најголем број сообраќајни незгоди и тоа по 12%, а во месецот април се евидентирани најголем број СН со повредени лица односно 22% од вкупниот број СН во 2025 година.
Со цел намалување на последиците од сообраќајните незгоди и подобрување на системот за безбедност во сообраќајот во текот на месец јуни со службите вклучени во системот за безбедност на сообраќајот МВР ОВР Делчево – сообраќајна полиција и крим техника, Територијална противпожарна единица Делчево и Општина Делчево се реализираа освежителни обуки по прва помош кои ги спроведоа претставници на Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Делчево. Исто така вакви освежителни обуки за прва помош беа реализирани и со претставници на месните заедници од населените места Бигла, Вратиславци, Драмче, Илиово, Косово дабје, Разловци, Селник и Турија односно до местата каде службите за итни интервенции пристигнуваат за повеќе од 15 минути со цел навремена реакција од страна на жителите и намалување на последиците од сообраќајните незгоди на подрачјето на општината.
Овие активности се дел од мерките предвидени во Стратегијата за безбедност на патиштата на Општина Делчево и акцискиот план 2023-2027.
Од страна на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево до учесниците во сообраќајот за време на летниот период се апелира:
– Редовно да се проверува техничката исправност на возилата пред патување;
– На пат секогаш да се тргнува одморен;
– При подолги патувања на секои 2 часа да се прави пауза од најмалку 15 минути;
– Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи;
– Да се вози смирено и толерантно кон другите учесници во сообраќајот.



