
Советот на Општина Делчево на денешната седница ја усвои Одлуката за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година, изготвена согласно Законот за буџетите, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за локалната самоуправа. Со ребалансот беше извршено усогласување на буџетот со досегашната реализација на приходите и расходите, како и обезбедување средства за непречена реализација на програмските активности до крајот на годината.
Со усвоените измени, основниот и вкупниот буџет беа зголемени за 24.210.764 денари, односно за 5 проценти, со што вкупниот ребалансиран буџет на Општина Делчево за 2026 година изнесува 509.902.581 денари.
На приходната страна, зголемувањето произлегува од повеќе извори на финансирање. Обезбедени се 2.000.000 денари преку трансфер од Буџетот на Република Северна Македонија за реализација на проектот „Набавка на механизација за одржување на локалните патишта во селата со специфични развојни потреби“, кој ќе се реализира во соработка со Бирото за регионален развој.
Воедно, буџетот е зголемен и по основ на пренесен вишок на приходи од претходната година, како и поради средства кои претходно биле погрешно префрлени на друга наменска сметка, во вкупен износ од 977.870 денари.
Најголемо зголемување е евидентирано кај дотацијата од ДДВ, во вкупен износ од 15.560.668 денари, од кои 7.533.112 денари се средства за финансиско воедначување, а 8.027.556 денари се средства доделени врз основа на постигнатите перформанси на Општината.
Дополнително, обезбедени се и 5.672.226 денари капитални трансфери по основ на склучени договори за реализација на инфраструктурни проекти од областа на транспортот и заштитата на животната средина, финансирани преку вториот повик за капитални дотации наменети за единиците на локалната самоуправа.
Во расходниот дел, средствата се распределени согласно потребите за реализација на тековните и капиталните активности на Општината. Зголемени се средствата за плати и надоместоци, додека најзначајно зголемување е предвидено кај расходите за стоки и услуги, во вкупен износ од 11.643.037 денари. Дел од овие средства се наменети за комунални услуги, одржување на зелени површини преку ЈКП „Брегалница“, реализација на програмите за јавни работи и општинско-корисна работа, како и за привремени вработувања.
Со ребалансот се обезбедени дополнителни средства и за субвенции, трансфери и социјални бенефиции, со цел реализација на измените во Програмата за социјална заштита, односно за исплата на еднократна парична помош за онколошки пациенти и еднородителски семејства.
Во делот на капиталните расходи се обезбедени дополнителни 10.794.772 денари, кои ќе бидат искористени за кофинансирање на проекти за изградба и реконструкција на улици, согласно преземените обврски на Општината.
Усвоениот ребаланс обезбедува финансиска стабилност и создава услови за навремена реализација на планираните проекти, подобрување на комуналните услуги и продолжување на инвестициите во инфраструктурата и социјалната заштита на граѓаните на Општина Делчево.



