
Во Општина Делчево деновиве престојуваат делегации предводени од градоначалниците на трите италијански општини Родино, Монфорте д’ Алба и Новело со што се реализира возвратната посета и се испишува новата страница од приказната за пријателство меѓу Делчево и трите италијански општини.
Денеска градоначалникот Иван Гоцевски оствари средба со градоначалниците: Марко Паларо, градоначалник на Општина Новело, Марко Андријано, градоначалник на Родино, како и делегацијата од Монфорте, предводена од Лука Роси.
На средбата беше истакнато значењето од соработката меѓу општините, особено во областа на економијата, туризмот и културната размена.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека во фаза на реализација е официјализирање на збратимувањето со трите општини и потпишување меморандуми за соработка со трите општини.
-Ова збратимување гради мостови помеѓу локалните заедници и отвора можности за унапредување на локалните политики, особено во делот на економскиот развој, туризмот и руралниот развој. Збратимувањето ги зајакнува врските на иселениците со нивниот роден крај и создава предуслови тие да бидат активен фактор во развојот на Делчево- како преку инвестиции, така и преку пренесување искуства и знаења. Посебно ми е драго што нашите пријатели од Италија се денес со нас, токму во деновите кога Делчево живее во духот на Голачките фолклорни средби. За мене, овие средби се многу повеќе од неколку денови исполнети со музика, фолклор и традиција. Тие се можност луѓето да се сретнат, да споделат дел од својата култура и да создадат искрени пријателства, нагласи Гоцевски.
Гостите од Италија ќе посетат неколку знаменитости во Делчево, како и историското Разловци, а ќе ги проследат и концертните вечери и 31-то издание на „Голачките фолклорни средби“.
Инаку, утре Совтеот на Општина Делчево ќе одржи Свечена седница посветена на воспоставената соработка со општини од Република Италија на која ќе се донесе Одлука за збратимување на Општина Делчево со уште една италијанска општина- општина Рикалдоне.
Воедно, по зваршување на Седницата ќе биде потпишан Меморандум/Договор за збратимување на Општина Делчево со општините Новело, Монфорте д’ Алба и Родино, Република Италија.



