
Поголема контрола на теренот, поставување пунктови на критичните локации и на градската депонија, легитимација на лицата кои се движат на отворен простор, видеонадзор на критични локации, честа контрола со дронови и отворање донаторска сметка за поддршка на Општина Делчево за набавка на опрема и возила за гасење пожари на отворено, се дел од заклучоците кои денес беа донесени на Состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
На Состанокот присуствуваа сите надлежни институции, а беше инициран од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, како резултат на зачестената појава на пожари на територијата на Општина Делчево.
-Ситуацијата со пожарите станува аларманта, посебно што последниот пожар во атарот на с. Црквенец е предизвикан од човечки фактор. Затоа, на терен ќе ги зајакнеме контролите и ќе ги ставиме на располагање сите расположливи сили и ресурси и со координирана акција на сите надлежни служби, ќе го превенираме секое идно вакво несовесно постапување на одредени граѓани. Посебно, зајакнати контроли ќе има за време на прдолжениот викенд. Апелирам до сите граѓани при појава на пожар да пријавуваат на тел. 112 и непотребно да не се движат на отворен простор, истакна Гоцевски.
На Состанокот се расправаше и за актуелната криза со болеста кај овците и нејзиното ширење на територијата на Општина Делчево при што се потенцираше соработката и постапувањето на институциите и насоките за примена на мерки за превенција, како дезинфекцијата како основна мерка за заштита од ширење на болеста согласно со Правилникот на Агенција за храна и ветеринарство.



