
Со симболично сечење на црвената лента, свечено беше отворен скејт-паркот во Делчево, нова спортско-рекреативна содржина која им нуди на младите простор за дружење, забава, спортување и развивање на нивните вештини.
На отворањето присуствуваа педесетина млади кои со своите велосипеди, скејтбордови и ролери ги демонстрираа своите вештини и ги презентираа можностите што ги нуди новиот парк. Тој веќе се наметнува како омилено место за собирање на младите од Делчево, но и на посетителите од соседните општини и прекуграничниот регион.
На свеченоста се обрати градоначалникот на Делчево, Гоцевски, кој истакна дека со изградбата на скејт-паркот Општината создава нови можности за младите и продолжува со конкретни инвестиции во спортската инфраструктура.
„Скејт-паркот е многу повеќе од нова инфраструктура. Тој е простор за младинска енергија, креативност, спорт и нови пријателства. Нашата цел е Делчево да биде град во кој младите ќе имаат современи услови за активно и квалитетно исполнување на слободното време. Но, нашата обврска не завршува со изградбата. Веќе поставивме канделабри за осветлување на паркот, за да може да се користи и во вечерните часови, а следната фаза е оградување на просторот“, истакна Гоцевски.
Тој најави и нова значајна инвестиција во спортската инфраструктура – почеток на реконструкцијата на градската спортска сала, која, заедно со градскиот стадион, градскиот базен, тениските игралишта и скејт-паркот, треба да придонесе за создавање современ спортско-рекреативен комплекс во Делчево.
На настанот се обрати и Јане Вангеловски, раководител на Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија при Министерството за локална самоуправа, кој истакна дека Делчево е пример за успешно искористување на средствата од ИПА-програмата за реализација на проекти што придонесуваат за развојот на пограничниот регион. За реализацијата на проектот и значењето на неговата имплементација говореше и Тони Стоименовски, раководител на ЛЕР во Општина Делчево.
Изградбата на скејт-паркот е дел од проектот „Интегрирани прекугранични туристички акции во Благоевградско-делчевскиот регион“, финансиран преку Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија. Вкупната вредност на проектот за општините Делчево и Благоевград изнесува околу еден милион евра, додека вредноста на работите за скејт-паркот е 2,4 милиони денари.
Покрај скејт-паркот, проектот опфаќа и уредување на кејот на реката Брегалница, возводно во должина од 300 метри. Со овие активности се придонесува за намалување на ризиците од ерозија и поплави, уредување на речното корито и подобрување на изгледот на централното градско подрачје. Истовремено, се создаваат услови за поврзување на просторот покрај реката со спортскиот центар во Делчево, формирајќи функционална целина наменета за спорт, рекреација и пријатен престој на отворено.
Проектот се реализира во партнерство со Општина Благоевград, Здружението „Регионален центар за застапување“ од Делчево и туристичкиот оператор „Алфатур“ од Благоевград.
Ова е петти проект што Општина Делчево го реализира преку ИПА-програмата во партнерство со Општина Благоевград, што ја потврдува важноста на прекуграничната соработка за развојот на локалните заедници.
Со отворањето на скејт-паркот, Делчево добива ново место за спорт и младинска енергија, а со продолжувањето на инфраструктурните инвестиции се создаваат подобри услови за поквалитетен живот на граѓаните и поатрактивен градски простор за сите генерации.



