
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска оствари работна средба со претставници на ЈП „Македонски шуми“ и Шумската полиција, на која во фокусот на разговорите беше раната превенција од пожари, унапредувањето на меѓуинституционалната соработка и координацијата на активностите за заштита на шумскиот фонд на територијата на општината. На средбата присуствуваа Кире Михаилов, заменик-генерален директор на ЈП „Македонски шуми“, Игор Стојановски, директор на Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола при ЈП „Македонски шуми“, како и Славчо Лазаревски, началник на Шумската полиција на Република Северна Македонија. Во разговорите беше истакната потребата од навремено планирање и преземање превентивни мерки, редовно следење на состојбите на терен, како и поефикасна координација меѓу институциите надлежни за заштита на шумите и спречување на пожари. Посебен акцент беше ставен на значењето на раното откривање на потенцијалните ризици, засилената контрола на критичните подрачја и заедничкото дејствување на надлежните служби, со цел да се спречи појавата и ширењето на шумските пожари. Градоначалникот Гоцевски ја истакна важноста од континуирана соработка со ЈП „Македонски шуми“ и Шумската полиција, нагласувајќи дека заштитата на шумите и природните богатства бара институционална одговорност, навремена реакција и заеднички пристап. Средбата е дел од активностите на Општина Делчево насочени кон зајакнување на превентивниот систем и подготвеноста на надлежните институции за заштита на граѓаните, имотот и природата од пожари.



