Хуманитарната акција „Секое капаче е вредно“ во Делчево

  • News

„Активирај се навреме, бидејќи сега секое капаче има вредност – повеќе детски насмевки“- е мотото под кое и Јавната локална библиотека „Илинден“-Делчево се приклучува на иницијативата „Секое капаче е вредно“ на платформата ,,Активирај се на време”. Акцијата има хуманитарно-еколошки карактер. Собраните капачиња ќе бидат преземени за рециклирање преку што директно се помога на подобрување на животната средина.

Хуманитарниот аспект на овој проект е насочен кон сите детски одделенија во целата држава на кои им е потребно сериозно реновирање и овозможување подобри услови за лекување. Средства кои се обезбедуваат преку откупот за рециклирани капачиња заедно со финансиската поддршка од главниот покровител Credissimo се целосно насочени кон таа цел.

Како што истакна директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска со поддршка на Општина Делчево наредниве денови ќе се обезбеди соодветна локација, каде ќе се постави метална корпа, каде граѓаните ќе можат да ги оставаат пластичните капачиња кои се тешко разградиви.

-Акцијата во Делчево ја започнуваме од утре, 22 јули. Додека да се постави металната корпа, капачињата ќе ги собираме на влезот во библиотеката. Инаку, со посебно задоволство се приклучуваме кон кампањата која е национален хуманитарно-еколошки проект кој има за цел да се активираат што поголем број компании и граѓани со цел да се соберат што е можно повеќе пластични капачиња. Собраните капачиња ќе бидат преземени за рециклирање преку логистичкиот партнер на кампања „Пакомак“, а собраните средства кои ќе се обезбедат од откупот на капачиња заедно со финасиската поддршка од главниот покровител Credissimo ќе бидат наменети за реконструкција на детските одделенија во целата држава.  ЈЛБ „Илинден“, како општествено одговорна и како институција која негува вистински вредности, се приклучи кон оваа иницијатива, сериозно ќе пристапиме, затоа што се работи за нашите најмали и најмили и за реновирање на детските одделенија низ државата, истакна Петровска.

Досега низ државава се поставени десетина метални конструкции за собирање пластични капачиња и тоа во Скопје, Тетово, Битола, Охрид, а наскоро и во Делчево. Одржувањето на конструкциите и рециклирањето на собраните капачиња е овозможено од логистичкиот партнер „Пакомак“.

Shares