Фолклор и традиција денеска во Делчево- се одржува 16-та Пијанечко-малешевска свадба и 46-от Меѓународен фестивал „Делчево-фест“

  • News

Горанчо Костадинов и Елеонора Мирчовска ја крунисаа својата љубов на стар автентичен начин денеска во Делчево во рамките на 16-та Пијанечко-Малешевска свадба, како придружна манифестација на традиционалниот Меѓународен фестивал „Делчево фест“.

Младоженецот Горанчо Костадинов (34) е по потекло е од селото Истевник, Делчевско, а невестата Елеонора Мирчовска (26) е од селото Русиново, Беровско. Двајцата се на привремена работа во Австрија.

Младоженците денеска беа примени од градоначалникот Трајковски, кој на младите им ја врачи традиционалната награда од Општина Делчево, парични средства во износ од 12.000 денари посакувајќи им долг заеднички живот и многу дечиња.

-Им посакувам долг и среќен заеднички живот на младите Елеонора и Горанчо кои како зет и невеста на 16-то издание на Пијанечко-малешевската свадба, ја продолжуваат традицијата и се главните актери на манифестацијата која покажува дека свадбарските обичаи се сè уште живи и се почитуваат. Традицијата е таа која го чува нашиот идентитет и наша обврска е да ја продолжиме, да ја промовираме и да се гордееме со неа, бидејќи таа ни е оставена како аманет од  нашите предци. Посебно изразувам задоволство што организаторот на традиционалната свадба КУД „Гоце Делчев“ успеа да ја сочува свадбарската традиција и на тој начин да ја сочува и да ја промовира богатата палета свадбарски обичаи од овој регион. Уште еднаш им посакувам на младите долг и среќен брак, благословен со многу дечиња, рече Трајковски.

Свадбарските адети ќе бидат промовирани на летната сцена во рамките на 46-тиот по ред Меѓународен музички фолклорен фестивал „Делчево-фест“ на кој ќе настапат 25 учесници, фолклорни групи и изведувачи од земјава и од Србија, Бугарија и Турција.

Организатор на манифестацијата е Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ во соработка со соседните општини и здруженија од областа на културата. Покровител на „Делчево фест“ е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерство за култура на Република Македонија.

Shares