Суперхикс во Делчево – музиката како мост меѓу културата, туризмот и македонската сцена

  • News

Во пресрет на вечерашниот концертен настап на култниот македонски состав „Суперхикс“, како дел од тридневниот концертен спектакл во рамките на 31. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“, членовите на бендот остварија средба со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.

На средбата се разговараше за значењето на културните и музичките настани за развојот и промоцијата на Делчево, со посебен акцент на можностите културните манифестации да придонесат за развој на туризмот и зголемување на посетеноста на градот.

Посебно внимание беше посветено на потребата од континуирана поддршка и афирмација на македонската музичка сцена, како и на улогата што македонските музичари и бендови ја имаат во создавањето и промовирањето на современата македонска музика во земјата и надвор од неа.

„Суперхикс“ со својата повеќедецениска работа претставува едно од препознатливите имиња на македонската музичка сцена, со препознатлив музички израз и авторски пристап.

Како убав гест и спомен од средбата, фронтменот на „Суперхикс“, Петар Младеновски, на градоначалникот Иван Гоцевски му подари грамофонска плоча од последниот албум на бендот, „Сила и нервоза“.

Средбата беше можност да се потврди заедничката определба дека културата, музиката и традицијата се важен дел од развојот на локалната заедница, но и значаен потенцијал за промоција на Делчево како атрактивна туристичка и културна дестинација.

Вечерва, од 21:30 часот, летната сцена во центарот на Делчево ќе биде место за музичко дружење со Влатко Миладиновски, „New Age Messiah – Revival“, а концертната вечер ќе кулминира со настапот на „Суперхикс“. Со тоа продолжува тридневниот музички спектакл во рамките на „Делчевското културно лето 2026“ и „Голачките фолклорни средби“.

Делчево вечерва живее со музиката – градот на традицијата, културата и добрата забава ги отвора вратите за сите љубители на македонската музика.

Shares