За првачињата во Делчево: еден поинаков први септември

  • News

Насмеани првачиња, возбудени ученици, родители и наставници денеска го исполнија  градскиот парк во Делчево во рамките на манифестацијата „Мојот град-мојата иднина“. За прв пат Општина Делчево организираше ваков младински- активистички перформанс по повод почетокот на новата учебна година, а во рамките на манифестацијата се одржаа низа настани и промоции.

Првачињата засадија дрвца кои симболично ќе растат со нив, додека  „Временската капсула“ ја отвори креативноста кај првачињата кои на хартија испишуваа пораки во кои беа скриени нивните желби за иднината по завршување на школувањето. Сите пораки ќе се чуваат до крајот на нивното школување.

 Средношколците ја презентираа иднината на Делчево низ призмата на вештачката интелегенција. Присутните се запознаа со Делчево  во 2044 година.

Настанот беше збогатен со многу музика и забава, но беше одлична можност, ЈЛБ „Илинден“ да ги промовира новите лектирни изданија. Лектирите беа изложени во градскиот парк, a учениците имаа можност да се запознаат со лектирите.

Манифестацијата „Мојот град-моја иднина“ беше во организација на Општина Делчево, сите училишта во Делчево, ЈЛБ „Илинден“ и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.

Shares