
Општина Делчево за прв пат додели плакета „За тивкиот херој“ наменета на сите граѓани, nа секој работник, земјоделец, наставник, лекар, пожарникар, полицаец, претприемач, млад човек, пензионер, волонтер, добронамерник – на секој кој на свој начин придонесува Делчево да биде подобро, побезбедно и убаво место за живеење.
Доделувањето на плакетата е на иницијатива на градоначалникот Иван Гоцевски кој на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето нагласи дека силата на Делчево е во силата на своите луѓе, во заедништвото и во солидарноста.
–Во овој свечен момент сакам да зборувам за храброста на моите сограѓани, за солидарноста и поддршка од пријателите на Делчево. Заедно се соочуваме со секоја криза, заедно се бориме да ја сочуваме нашата исконска природа и убавина и заедно се бориме да го сочуваме имотот на нашите сограѓани. Мора да споменам за опасноста која се закануваше да го уништи сето тоа што е препознатливо за Делчево- пред неколку недели- големиот пожар кај Бигла, но и невремето и поплавите. Но, секогаш кога беше најтешко, покажувавме дека Делчево има сила. Сила во своите луѓе. Сила во солидарноста. Сила во заедништвото. И затоа денес сакам да се заблагодарам на сите вас. На секој граѓанин кој помогнал. На секој човек кој не се откажал. Затоа, со посебна чест и со голем поклон кон нивното дело и пожртвуваност-годинава доделуваме плакета на ТИВКИОТ ХЕРОЈ-плакета посветена на сите херои на Делчево. Бидејќи, градот не го прават само зградите, улиците и проектите. Градот го прават луѓето, нагласи Гоцевски.
По повод 7 Септември, Општина Делчево за прв пат доделува општинска награда за најдобар комунален работник. Наградата годинава ја доби Марјан Богданов кој има 5 години работен стаж во Секторот за водовод и канализација во ЈКП „Брегалница“ на работно место одржувач на канализациска мрежа, а природата на работното место подразбира извршување исклучително важни и одговорни работни задачи поврзани со одржувањето и нормалното функционирање на канализацискиот систем. Специфично работно место кое не е толку видливо и истакнато, но врши оргромна улога во санирањето дефекти, а работата се одвива во тешки и неповолни услови, при што е потребно високо ниво на одговорност, физичка ангажираност, приспособливост и подготвеност за навремено постапување кога ќе се појави дефект или проблем во водоводната и канализациската мрежа.
Исто така, по повод празникот е доделена плакета и на најдобриот пожарникар во ТППЕ Делчево. Годинава за најдобар пожарникар е прогласен Благојчо Стоименовски кој има 34 години разботен стаж.



