Градоначалникот Иван Гоцевски на Националниот форум за младинска работа: Делчево е пример за општина што ги препознава потребите и потенцијалот на младите

  • News

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, учествуваше како панелист на Четвртиот Национален форум за младинска работа, кој од 10 до 12 ноември се одржува во Младинскиот центар во Охрид, под наслов „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!“.

Во рамки на панел-дискусијата, градоначалникот Гоцевски одговараше на прашања поврзани со локалните политики за млади, активностите и функционирањето на младинскиот центар, вклучувањето на младите во процесите на одлучување, како и идните планови на Општина Делчево за унапредување на младинското учество и создавање подобри услови за младите.

Посебен акцент беше ставен на улогата на локалната самоуправа во креирањето политики што произлегуваат од реалните потреби на младите, но и на важноста од нивно активно учество во развојот на локалната заедница.

Учеството на градоначалникот на Форумот се случува во значаен момент за Општина Делчево, која токму денеска ја доби националната награда „Младински пријателски град“ за 2026 година, како единствена општина во Источниот плански регион со ова признание.

Преку учеството на вакви национални настани, Општина Делчево ја потврдува важноста на размената на искуства, добрите практики и партнерството со младинските организации и институциите, со заедничка цел – младите да добијат поголеми можности, посилна поддршка и активна улога во креирањето на иднината на својата заедница.

Shares