
Општина Делчево е добитник на националната награда „Младински пријателски град“ (Youth Friendly Town) за 2026 година и е единствена општина во во Источниот плански регион што ја добива оваа награда. Наградата претставува значајно признание за напредокот на Општината во спроведувањето на младинските политики и исполнувањето на обврските од Законот за младинско учество и младински политики.
Свеченото доделување на наградите се одржа денеска во Младинскиот центар во Охрид, во рамки на Четвртиот Национален форум за младинска работа, под наслов „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!“.
Наградата на градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, му ја врачи министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
„Оваа награда е повеќе од признание – таа е потврда дека младите се срцето на секоја заедница и најголемиот потенцијал за нејзината иднина. Нашата цел е Делчево да биде град во кој младите ќе имаат можност да ги остварат своите идеи, да го покажат својот потенцијал, да учествуваат во носењето одлуки и, пред сè, да ја препознаат својата иднина. Верувам дека град што ги слуша младите, им дава простор и верува во нивните способности, е град што има иднина. Ова признание нè обврзува да продолжиме да градиме токму такво Делчево – град на можности, надеж и перспективи за младите генерации, нагласи Гоцевски.
Признанието е доделено врз основа на структурирано национално истражување во локалните самоуправи, преку кое е оценет напредокот во исполнувањето на законските обврски и унапредувањето на младинската работа. Во рамки на оваа иницијатива, ќе бидат доделени вкупно осум национални награди, по една за секој плански регион.
Четвртиот Национален форум го организираат Коалицијата на младински организации СЕГА и Младинскиот центар Охрид, во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНДП, УНФПА, Регионалната канцеларија за млади и ОБСЕ.



