Совет на Општина Делчево: Седмосептемвриска награда за БРЕГАЛ ДОО и Лоренцо Трајановски

На денешната Седница на Советот на Општина Делчево, советниците одлучија традиционалната Седмосептемвриска награда да ја добијат фирмата „Брегал“ од Делчево и Лоренцо Трајановски, пожарникар од Делчево и претседател на Здружението „King’s of the road’s“. Наградата БРЕГАЛ ДОО Делчево ја добива за особени постигнувања од областа на стопанството и како општествено одговорна компанија; додека Лоренцо Трајановски од Делчево за особени постигнувања во областа на афирмација на Делчево. Општинската награда 7 Септември за правното лице се состои од плакета, а за физчкото лице се состои од парична награда во износ од 20.000 денари и плакета. Плакетата ќе биде доделена на 7 Септември 2022 година.

Седницата започна со верификација на мандатот на новиот член на Советот, Тони Стаменковски од Делчево, кандидат од политичката партија ЛЕВИЦА.

Со одредени забелешки, советниците ги усвоија годишните планови  за вработување за 2023 година на локалните институции и на Општина Делчево.

Советниците ја донесоа Одлуката за измена на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Делчево за 2022 година, согласно со која се зголемуваат средствата за плати на пожарникарите во износ од 831.800 ден, трошоците за електрична енергија во вкупен износ од  1.457.300 ден. и средствата за привремени вработувања во износ од 495.000 ден; како и Одлуката за проширување на средствата во Буџетот за 2022 година согласно со која наменските дотации за основното и средното образование, детската заштита и дејностите од областа на култура кои се зголемуваат за 10.274.000 ден., како и средства за донации во висина од 100.000 ден.

На денешната Седница се усвоија и годишните извештаи за 2021/22 и програмите за работа за 2022/23 на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево, ООУ „Ванчо Прке“-Делчево и СОУ „М.М.Брицо“; Одлука за давање согласнoст за формирање групи со поголем број на деца во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево, како и Одлука за утврдување на работното време на ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево;

Советниците го усвоија Шестмесечниот извештај за работењето на ЈКП „Брегалница“, а на Седницата беа донесени и одлуки за доделување средства за издавање монографија за село Драмче од авторот Христина Деолска во износ од 20.000 ден, средства за Џамискиот одбор во Делчево за градежни активности во износ од 10.000 денари, како и средства во износ од 200.000 денари на ФБ „Брегалница“. Советниците донесоа повеќе одлуки од областа на урбанистичкото планирање.

Shares