Вонредни контроли за заштита на амбиенталниот воздух

Општина Делчево ги информира граѓаните, правните и физичките лица дека со цел да се спречи загадување на амбиенталниот воздух и за почиста животна средина, а согласно со законски одредби, се забранува на индивидуалните или на деловните објекти како огревен материјал за затоплување да користат гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и секаков друг вид отпад кои при согорувањето испуштаат отровни материи и го загадуваат амбиенталниот воздух.

Според Законот за животна средина сите инсталации имаат изготвено елаборати за заштита на животната средина во кој е строго определено кое огревно средство се користи. Исто така, строго е забрането од страна на текстилните фабрики издавање отпаден материјал (отпаден текстил) на физички лица.

Општина Делчево соопштува дека инспекциските служби ќе вршат вонреден инспекциски надзор посебно во инсталациите каде има значителни емисии во амбиенталниот воздух и согласно со законските одредби ќе се преземаат соодветни казнени мерки.

Shares