
Градоначалникот Гоцевски истакна дека општината претставува мост меѓу компаниите и централната власт и од таа причина е потребна интензивна меѓусебна соработка за да создадеме поволна деловна средина со можност за директна комуникација, вмрежување и подобро информирање за можностите за соработка.
–Денешната средба со бизнис– заедницата беше исклучително значајна и за мене лично претставува големо задоволство, пред сè поради големата заинтересираност и присуството на голем број бизнисмени – луѓе кои секојдневно вложуваат, работат и директно придонесуваат за економскиот развој на Делчево. Овој одзив е јасен сигнал дека постои желба за дијалог, соработка и заедничко креирање на иднината на нашиот град, нагласи Гоцевски.
На средбата беше детално образложен новиот Генерален урбанистички план, како стратешки документ што ја поставува визијата за понатамошниот просторен и економски развој на општината, план со кој се создаваат услови за нови инвестиции, проширување на индустриските и деловните зони, подобрување на инфраструктурата, отворање нови работни места и унапредување на квалитетот на живот за сите граѓани.
Градоначалникот Гоцевски најави формирање работно тело за локален економски развој кое ќе има активна улога во предлагање идеи, иницијативи и конкретни предлози што директно ќе се претвораат во проекти и дела од интерес на општината.
–Посебно внимание посветив на потребата да го задржиме младиот кадар и потенцијал во нашата земја, а пред сè во нашиот роден град Делчево. Верувам дека преку здрава економија, нови инвестиции и перспективни работни места, можеме да им дадеме реална причина на младите да останат и да ја градат својата иднина тука. Како градоначалник, останувам целосно посветен на отворена комуникација, транспарентна работа и заедничко носење одлуки, затоа што верувам дека само заедно можеме да изградиме модерно, економски стабилно и урбанистички уредено Делчево, истакна Гоцевски.
Во Општина Делчево во април оваа година ќе се одржи првиот Бизнис– форум кој треба да ги обедини бизнис-идеите, претставниците на бизнис-заедницата, Општина Делчево и потенцијалите за развој на Делчево, а во месец август, кога голем број иселеници се враќаат во Делчево, ќе се одржи и вториот Бизнис-форум, со што оваа соработка ќе добие континуитет и ќе прерасне во силна платформа за идеи, партнерства и нови можности.



