
Интензивно се работи на изградбата на инфраструктурата во населбата „Пролет“ во Делчево, каде согласно со проектната документација се гради подземната инфраструктура за водовод, канализација и атмосферка вода и се подготвува теренот за изградба на улици со вкупна должина од 420 метри.
Градоначалникот Гоцевски денеска направи увид во работите при што истакна дека е задоволен од интензитетот на активностите на терен и очекува наскоро оваа населба да добие современ урбан лик.
–Задоволен сум од динамиката и начинот на кој се одвиваат градежните работи во населбата „Пролет“, каде интензивно се работи на изградбата на улицата 4в, како и на делови од улиците 1, 3 и 5, во вкупна должина од 420 метри. Очекувам со завршувањето на овој проект населбата да добие современа и функционална патна инфраструктура, со што значително ќе се подобрат условите за безбедно одвивање на сообраќајот, квалитетот на живот на жителите и целокупниот урбан изглед на овој дел од Делчево. Продолжуваме посветено да инвестираме во инфраструктурни проекти кои носат долгорочни придобивки за граѓаните и придонесуваат за рамномерен развој на целата општина, нагласи Гоцевски.
Инвестицијата е вредна 8, 4 милиони денари, а средства се обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски, а градежните работи ги изведува фирмата СД ТРАНС.



