Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево ги потсетува возачите за обврската за поседување на пропишана зимска опрема во возилата со важност од 15 ноември па се до 15 март. Оваа обврска е утврдена во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но и во член 46 од Законот за возила, аопремата е дефинирана во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи.
Согласно Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг. се подразбира:
- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 милиметри;
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) се подразбира:
- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм;
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира:
- зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм.
- пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина со минимум од 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
- автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Зимските услови носат повисок степен на ризикза возачите: лизгави коловози поради снег, појава на мраз или „голомразица“, намалена видливост поради густа магла или врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења со возилото.
Затоа, ОСБСП Делчево апелира сите учесници во сообраќајот да ги следат следниве препораки:
* следете ги информациите за временските услови на патиштата;
* прилагодете го возењето според условите на патот;
* почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација;
* носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно;
* направете зимска проверка на возилото;
* одржувајте безбедно растојание меѓу возилата;
* избегнувајте нагло сопирање и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.



