Промовирана новогодишната инклузивна куќичка – симбол на надеж, еднаквост и заедништво

  • News

Денес, во духот на подигнување на свеста за филантропијата и поддршката кон лицата со попреченост, Општина Делчево со особена чест ја промовира новогодишната инклузивна куќичка – куќичка на надежта, на желбите и на убавината што ја создава различноста. Ова мало, симболично место носи голема порака: дека секое дете заслужува внимание, топлина и еднакви можности.

Во инклузивната куќичка секоја донација – пакетче, книга, цртеж или играчка – претставува светлина што ќе ја разубави зимата на децата кои живеат на маргините и во социјален ризик. Преку оваа иницијатива испраќаме јасна порака дека децата од Делчево не се сами. Како заедница, преку институциите, организациите и одговорните граѓани, покажуваме дека надежта постои и дека малите чуда навистина се возможни.

Општината ги повикува сите граѓани да ја посетат инклузивната куќичка и да остават новогодишна донација според своите можности, со што заедно ќе создадеме празнична атмосфера која им припаѓа на сите деца.

Изразуваме искрена благодарност до волонтерите од Советот на млади на Општина Делчево, Клубот за артивизам при СОУ „М.М. Брицо“, ОО на Црвениот крст, како и до сите волонтери кои се вклучени во реализацијата на оваа благородна иницијатива.

Делчево отсекогаш бил и останува град на хуманоста.

Shares