
Можностите за зајакнување на економските врски, развојот на заедничките проекти во рамки на прекуграничната соработка, поддршката на туризмот и локалниот економски развој, се теми на средбата којашто денеска се одржа во Благоевград соседна Бугарија со претставници на бизнис-заедницата од Благовеград, а на која присуствуваат амбасадорот на РСМ, Н.Е. Агнеза –Руси Поповска, претставници на Македонско-бугарската стопанска комора, претставници од Македонскиот културен информативен центар во Софија, градоначалникот на Благоевград, претставници од бизнис-заедницата и културни институции.
За градоначалникот Иван Гоцевски учеството на овој настан претставува посебна чест, бидејќи има уникатна можност пред бизнис-заедницата од Благоевград, соседна Бугарија, да ги претстави потенцијалите за развој на Делчево.
-Исто така, средбата отвора можност за размена на добри практики, да се постават иницијативи за идна соработка, но и да се истакне и важноста од продлабочување на партнерствата и креирањето конкретни активности кои ќе придонесат за одржлив развој и подобрување на економските услови во пограничниот регион, нагласи Гоцевски.
Општина Делчево и Општина Благоевград, се традиционални партнери во прекуграничната соработка и досега заедно успешно се реализирани 4 проекти од ИПА- програмата, а во моментов се реализира петтиот проект со вкупна вредност од околу 1 милион евра европски пари. Средствата ќе се инвестираат во инфраструктурни проекти кои се во насока на подобрување на квалитетот на животот на жителите пограничниот регион.
Средбата се реализира во рамките на културната иницијатива „Вечери на Балканот-Македонија“, чиј партнер е Н.Е. Агнеза Руси Поповска. Специјален гостин на вечерта беше делчевската Фолклорна група при НУЦК „Н.Ј.Вапцарова“ кои го промовираат македонскиот и делчевскиот фолклор и традиција.



