
Во населбата Милково Брдо се реконструира уште една улица. Машините од денес работат на реконструкција на ул „Кочо Рацин“ во населбата. Согласно со проектот се реконструира подземната инсталација-реконструкција на старата водоводна мрежа и замена на старата инсталација со нова полиетиленска инсталација и реконструкција на коловозот на улицата во должина од 108 метри кој беше доста оштетен и предизвикуваше големи проблеми на жителите. Со овој зафат, жителите од улицата, но и сите кои гравитрираат во овој дел на Делчево, ќе добијат современа сообраќајница, поголема безбедност во сообраќајот и современ пристап до своите домови.
Градоначалникот Иван Гоцевски направи увид во текот на работите и истакна дека интензивно се работи на реконструкција и на изградба на сите планирани улици со средства од Владата на РСМ.
-Продолжуваме со градежните зафати за реконструкција и изградба на планираните улици. И со реализацијата на овој инфраструктурен проект одговараме на потребите на жителите и веруваме дека со изградба на современа патна инфраструктура значително ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Гоцевски.
Работите ги изведува ОСД Кирил- Штип, вредноста на проектот е 1,8 милиони денари. Средствата се обезбедени од Владата на РСМ.



