
На покана на Македонското доброволно друштво „Македонија“ од Ешалан, Швајцарија, градоначалникот Иван Гоцевски беше во работна посета на Ешалан Швајцарија, како дел од македонската делегација составена од претставници на повеќе институции од државава.
Во рамките на посетата, Гоцевски оствари средба со градоначалникот на Општина Ешалан, Серж Борник, na која се разговараше за можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, размена на искуства и добри практики, како и за начините на кои успешните швајцарски модели на функционирање можат да бидат применети и во нашата локална самоуправа.
–Го информиравме градоначалникот Борник за активностите и напорите што ги преземаме за уредување и модернизација на Делчево, за проектите што ги реализираме во интерес на граѓаните, како и за нашата визија за понатамошен развој на општината. Швајцарија е пример за организираност, посветеност и ефикасност, земја од која, навистина, може многу да се научи, нагласи Гоцевски.
Воедно, посетата на Ешалан, Гоцевски ја искористи и за директно да се запознае со современите решенија и практики во управувањето со отпадните води и заштитата на животната средина и со работата на пречистителна станица за отпадни води која во градот Ешалан функционира подолго време.
Исто така, Гоцевски имаше средби со наши иселеници кои живеат и работат во Швајцарија во Ешалан и околните градови, а воедно, присуствуваше и на традиционалниот фестивал „Македонски денови“ организиран од Друштвото, каде се промовираше македонската култура и традиција, а воедно, оствари и повеќе средби со наши иселеници во Швајцарија.
– Особено ме радува што македонската заедница во Ешалан не е само чувар на своите корени, туку и активен и ценет дел од локалното општество. Тоа е најдобриот пример како се гради заедништво – со почитување на сопствениот идентитет и со придонес во средината во која живееме. Нека овој настан отвори нови перспективи за продлабочување на соработката меѓу двете општини Делчево и Ешалан, да ги зацврстиме врските меѓу татковината и дијаспората, да создадеме нови пријателства и нови можности за соработка, нагласи Гоцевски.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, работната посета на Швајцарија ја заокружи со посета на општинските оранжерии во Ешалан за производство на цвеќе, како и на центарот за собирање и рециклирање отпад кои претставуваат успешни примери за современо и одржливо управување со јавните услуги.
–Особено ми беше драго што дел од овие практики веќе ги применуваме и кај нас. Во изминатиот период го обновивме стакларникот и овозможивме сопствено производство на сезонско цвеќе за потребите на градот, со што придонесуваме за поубав изглед на јавните површини и намалување на трошоците“, истакна Гоцевски.
Тој нагласи дека посетата донела нови идеи и дополнителна мотивација за унапредување на работата на јавните претпријатија и зголемување на зелените површини во градот.
Во наредниот период, во соработка со раководството на ЈКП „Брегалница“, ќе се работи на јакнење на капацитетите, обезбедување нова механизација и дополнителни ресурси за уште поинтензивно хортикултурно уредување на јавните простори.
„Нашата цел е Делчево да биде чист, зелен и убав град по мерка на граѓаните. Добрите европски практики што ги гледаме и учиме ќе се трудиме максимално да ги примениме и во нашата општина“, порача градоначалникот Гоцевски.
Со оваа посета беше заокружена програмата за размена на искуства и добри практики во областа на управувањето со јавните услуги и заштитата на животната средина во Швајцарија



