Се санираат штетите од синоќешното невреме

  • News

Синоќешното силно невреме проследено со силен ветар и обилни врнежи од дожд предизвика штети на повеќе локации во Делчево.

Оштетени кровови, паднати и искршени дрвја, поплавени домови е билансот од вчерашното невреме. На лице место на критичните места веднаш реагираа екипи од ЈКП „Брегалница“, ТППЕ Делчево, Национални шуми, МВР и волонтери од Црвениот крст Делчево.

Согласно со податоците од терен, најпогодени се населбите Расадник, Први и Втори Реон, а евидентирани се штети и во централното градско подрачје, посебно на станбените објекти за колективно домување и индивидуални семејни домови.

Одредени реони од градот имаат прекин во електроснабдувањето и во координација со ЕВН се работи на санација на главните столбови кои го снабдуваат стариот дел од градот.

Градоначалникот Гоцевски кој и синоќа беше на терен со екипите, истакна дека Општина Делчево ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и ќе се преземаат сите неопходни мерки за санирање на штетите и враќање на животот во нормала.

-Надлежните служби веднаш излегоа на терен и од синоќа непрекинато работат за расчистување на последиците од невремето и се интервенира таму каде што е неопходно. Сакам да нагласам дека наш прв приоритет е безбедноста на граѓаните и што побрзо нормализирање на состојбата. Благодарение на заедничкиот труд и солидарноста, повторно ќе го вратиме сјајот на нашиот град, нагласи Гоцевски.

Shares