Почит за храброста. Градоначалникот ги прими повредените при гаснењето на пожарот кај Бигла

  • News

Кога опасноста демне-тогаш храброста зборува, порача градоначалникот, Иван Гоцевски,на денешната средба со петте повредени лица при гаснењето на пожарот во с. Бигла. Во неговиот кабинет беа:  Лоренцо Трајановски- пожарникар, Александар Стоичовски  и Филип Николовски, полицајци, Васко Панчовски и Александар Дамјанов-доброволци. Сите вдишаа чад при интервенцијата, го загрозија своето здравје и беа пратени на дополнителни медицински интервенции.

На средбата, градоначалникот им изрази искрена благодарност за нивната храброст, пожртвуваност и професионалност, како и за ризикот што го презедоа во заштитата на граѓаните, домовите и природата.

 „Немам зборови со кои можам да ја опишам, храброста, пожртвуваноста и професионализмот на нашите пожарникари и полицајци и ангажманот на доброволците кои беа први на борбената линија со огнените јазици кои се закануваат да ја опустошат нашата исконска убавина, да го однесат во неповрат имотот на жителите од с. Бигла и нашите бели дробови- шумите.Денес сакам и лично да им се заблагодарам. Во моменти кога огнот се заканува, вие сте тие што одите кон него, за другите да бидат безбедни. Тоа не е само професионална обврска – тоа е голема храброст и човечност“, истакна градоначалникот Гоцевски.

 Тој посочи дека здравјето и безбедноста на службените лица секогаш мора да бидат највисок приоритет и упати благодарност до сите кои учествуваа во справувањето со пожарот – пожарникарите, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување, „Македонски шуми“, Црвениот крст, здравствените екипи, волонтерите и месното население.

 „Зад секоја успешно завршена интервенција стојат луѓе. Луѓе кои остануваат на терен, кога е најтешко кои се изложуваат на опасност и кои ја покажуваат вистинската сила на една заедница. Ви должиме благодарност и почит“, порача градоначалникот.

На петтемина службени лица им посака брзо и целосно закрепнување и им порача дека Општина Делчево останува со нив и со сите оние кои несебично се ставија во служба на граѓаните. Приемот беше можност уште еднаш да се испрати порака дека во тешките моменти најмногу се гледа силата на заедништвото.

Shares