Делчево во групата најотворени општини во државава

  • News

Новото мерење на Индексот на отвореност за 2026 година покажува дека Општина Делчево е во семејството најотворени општини со 67 индексни поени.

 Во 2026 година, наодите од Индексот на отвореност покажуваат дека најотворена единица на локалната самоуправа повторно е Крива Паланка (73%), по која следуваат Берово (69%), Демир Хисар (68%), Битола, Делчево и Кочани (67%), Велес (65%), Карпош (64%), Гази Баба (61%), како и Кавадарци, Кичево и Гевгелија (58%). Најдолу на ранг-листата се Студеничани и Лозово (8%), а со малку подобри резултати од нив се Боговиње (11%), Сопиште (13%), Врапчиште (14%), Чучер Сандево (16%), Чаир (18%) и Шуто Оризари (19%). Разликата од 65 процентни поени помеѓу најдобро и најслабо рангираните општини укажува на изразени нееднаквости во примената на принципите на добро владеење на локално ниво.

Истражувањето кое беше спроведено во периодот од 1 февруари до 30 јуни 2026 година покажува дека во споредба со 2025 година кога изнесуваше 40 отсто, во 2026 година просекот на отвореност изнесува 39%, што претставува благо намалување од еден процентен поен. Преку Индексот на отвореност за 2026 година, Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција изработија Процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа, што е  длабинска анализа на работата на локалната самоуправа и дава преглед на нивните вкупни перформанси, придружен со патоказ од препораки за унапредување на состојбата.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четири начела, транспарентност се однесува на политиките, активностите и мерките што ЕЛС ги презема за да ги информира своите граѓан(к)и за својата работа, свесност се однесува на квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на политиките што се спроведуваат од страна на локалните власти, пристапност се однесува на начинот на којшто локалната самоуправа комуницира и ги вклучува граѓан(к)ите при одговарањето на нивните барања и задоволувањето на нивните потреби и интегритет се разгледува во функција на конзистентното придржување кон етичките вредности, начелата и нормите што имаат за цел приоретизирање на јавниот интерес во однос на приватниот.

Shares