Велобус во Делчево по повод Светскиот ден без автомобили

  • News

По повод Светскиот ден без автомобили, 22 септември, Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево организираат  Велобус, како дел од кампањата „Микромобилност и бeзбедност во сообраќајот“.

Велобусот е атрактивен начин на мобилност и како општествено базирана иницијатива, ги охрабрува учениците да користат велосипед до училиште во организирани групи придружувани од родители, наставници или волонтери.

На овој начин се промовира одржлива мобилност, безбедност во сообраќајот и навики за поздрав начин на живот и патување, а истовремено се намалува употребата на автомобили околу училиштата. Оваа иницијатива е одговор на намалената физичка активност кај децата, зголемената употреба на автомобилите за патување кон училиштата и сообраќајните ризици кои тие ги предизвикуваат.

Во рамките на акцијата планирани се неколку активности преку кои се врши промоција на овој начин на превоз за кратки патувања во населените места и унапредување на нивната безбедна употреба преку едукација, а во рамки на кампањата за мобилност и безбедно учество во сообраќајот. Активностите ќе се реализираат во соработка со МВР- ОВР Делчево, Регионален центар за гранични работи –Исток, општинските основни училишта, детската градинка „Весели Цветови“ во Делчево, родители и други зантересирани лица и тоа:

§  Велобус – рута 1 (Група 1 – почеток од ул. „8-ми Септември“ и „Крушевска“ преку улица „Методи Митевски  Брицо“ кај Стопанска банка се спојува Група 2 од ул.„Орце Николов“ – Ново Делчево и заедно се движат до ООУ „Св.Климент Охридски“)

§  Велобус – рута 2 (Група 1 – почеток од населба Пролет преку улица „Методи Митевски  Брицо“ до ООУ „Св.Климент Охридски“)

§  Мини полигон во детската градинка за учење на основните вештини за безбедно управување велосипед или тротинет

§  Анкета за „Микромобилност и безбедно учество во сообраќајот"

Од оваа активност главните придобивки ги добиваат учениците кои ја зголемуваат физичката активност, добиваат  независност и друштвена комуникација со другите деца. Родителите како придобивка ја имаат намалената потреба за носење на децата во училиште, училиштата добиваат помалку метеж од возила, а општеството  добива безбедна, здрава и одржлива мобилност.

Инаку, овој ден се одбележува и во рамки на Европската недела на мобилност која е иницирана од страна на Европската комисија и се спроведува како кампања во периодот од 16 до 22 септември секоја година со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и промовирање алтернативни и иновативни решенија за урбан транспорт преку кои се подобрува безбедноста во сообраќајот, се намалува загадувањето и се унапредува квалитетот на живот. Оваа година темата на Европската недела на мобилност е: „Мобилност за секого, фер пристап за сите генерации“.

За да го поддржиме овој ден и со личен пример и одговорност да им покажеме на најмалите учесници во сообраќајот дека патувањата на кратки реалции може да се извршуваат и со друг вид превозни средства освен автомобилите, Ве повикуваме на овој ден да патувате со алтернативните начини на превоз: велосипед, тротинет или пешачење. Учеството во велобусот е исклучиво со велосипед.

Пешаците, возачите на велосипед и тротинет припаѓаат во групата на ранливи учесници во сообраќајот и затоа Општина Делчево и ОСБСП делчево АПЕЛИРА до возачите на моторни возила одговорно да учествуваат во сообраќајот и да се движат со зголемено внимание и намалена брзина покрај овие учесници во сообраќајот.

Shares