![]()
Индексот на активна транспарентност за 2026 годинас потврдува дека Општина Делчево се наоѓа на листата со институции со многу добра транспарентност за 2026 година. Транспарентноста е мерена кај 98 институции на државно ниво и општините, а Општина Делчево со 91% исполнетост на обврските од можни 100%, се наоѓа на 34-то место за 2026 година, или има подобрување за 2,3 поени во споредба со минатата година.
Ова го покажува Индексот на активна транспарентност од Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер во кое се вклучени сите институции, односно Владата и сите министерства и општини.
Источниот Регион останува на челната позиција, на која, со прекин од една година, се наоѓа веќе осум години. Просечното исполнување на обврските од активната транспарентност на овој регион годинава изнесува 91 % и е повисок од 88 % што регионот ги имаше во претходните две години.
Сите општини од овој регион, освен една, се наоѓаат во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност од 80 % до 100 %.
Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.




