Делчево на Европската мапа на градови кои ја поддржaa Европската недела на мобилност во 2026

  • News

Преку спроведување на кампањата „Микромобилност и безбедно учество во сообраќајот“ градот Делчево се придружи на европските градови кои со активности ја одбележуваат Европската недела на мобилност и Светскиот ден без автомобили.

Европската недела на мобилност се спроведува од 16 до 22 септемврисекоја годинасо различна тема, а е воспоставена од Европската комисија како водечка кампања за одржлива урбана мобилност. Преку неа се промовираат нови навики насочени кон активна мобилност, користење на јавен превоз и други еколошки форми на транспорт. Одржливата урбана мобилност помага во намалување на загадувањето на воздухот, ја подобрува безбедноста во сообраќајот и ги прави европските градови попријатни места за живеење и работа.

Оваа година во одбележувањето на Европската недела на мобилност и Светскиот ден без возила се имаат вклучено 3 021 град и 44 држави, од кои во нашата држава досега се регистрирани четири града: Битола, Делчево, Кочани и Охрид.

На 22 септември – Светскиот ден без автомобили со најразлични активности на одредена тема луѓето се потикнуваат да се откажат од автомобилите еден ден и за своите патувања да користат алтернативни начини на превоз, како јавен превоз, велосипед или пешачење,а во Делчево оваа година акцентот беше ставен на сообраќајнатаедукација на децата од детската градинка „Весели цветови“ за безбедно учество во сообраќајот преку вежбање на мини полигон и примена на досега наученото за безбедно учество во сообраќајот од страна на учениците од основното училиште „Св.Климент Охридски“ кои заедно со родители и волонтери учествуваа во две Велобус рути и пристигнаа на училиште со велосипед.

Во рамки на кампањата за „Микромобилност и безбедно учество во сообраќајот“, беше објавена и Анкета која е наменета за корисниците на возилата за микромобилност (велосипеди, велосипеди со помошен мотор, електрични тротинети итн.), а идејата е преку истражување да се види кои се ставовите на граѓаните во врска со употребата на овие возила за патувања на кратки растојанија, а со цел креирање на одржливи локални програми и планови.

Анкетата е се уште активна и можете да ја пополните на следниот линк:

https://www.delcevo.gov.mk/soopstenija/35303

Shares