Амбасадорката на САД, Никол Варнес во посета на Делчево: Предизвиците и можностите за економска соработка во фокусот на средбата со градоначалникот Гоцевски

  • News

Општина Делчево денеска беше домаќин на амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнес, која беше пречекана во духот на пијанечката традиција и гостопримството.

Предизвиците и приоритетите на Делчево, локалниот економски развој и унапредување на соработката на Делчево со САД беа теми на работната средба на градоначалникот Гоцевски со амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнес . На средбата градоначалникот Гоцевски ги презентираше заложбите на Делчево, актуелните проекти, а беа разменети мислења за можностите за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на локалниот економски развој, подобрувањето на бизнис-климата и привлекувањето нови инвестиции во Делчево.

Градоначалникот ја истакна определбата на Општина Делчево да создава поволни услови за развој на локалната економија,  подобрување на стандардите за живот на граѓаните посебно на младите. Делчево да ги отвора вратите за нови партнерства со американски компании и инвеститори со посебен акцент на развојот на туризмот. Во таа насока, поддршката и поврзувањето со потенцијални инвеститори се препознаваат како можност за отворање нови работни места, развој на стопанството и подобрување на перспективите за граѓаните.

На средбата беше нагласено и значењето на долгогодишното пријателство меѓу граѓаните на Делчево и Соединетите Американски Држави, кое претставува добра основа за понатамошно унапредување на соработката и реализација на иницијативи од заеднички интерес.

Инаку, во чест на посетата, за амбасадорката беше приредена презентација на „Копачката“ – автентичното пијанечко оро впишано на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, со што беше претставено едно од најзначајните културни обележја на Делчево и Пијанец. Посетата беше збогатена и со презентација на традиционалната пијанечка кујна, преку која беа претставени локалните вкусови и богатото гастрономско наследство на овој крај, а топло добредојде на амбасадорката ѝ посакаа и дечињата од детската градинка во Делчево.

Посетата на амбасадорката претставува можност за афирмација и конкретна соработка и рпоекти,  Делчево како општина со богато културно наследство, гостопримливи граѓани и потенцијал за економски развој, отворена за нови партнерства и меѓународна соработка.

Shares