Делчево го одбележува Денот на европската соработка: Границите се можност за заеднички развој

  • News

Под мотото „Заедно преку границите – заедно за развој“, во Делчево денеска и утре се одбележува Денот на европската соработка и 36-годишнината од програмата за прекугранична соработка ИНТЕРРЕГ-ИПА, посветена на поврзувањето на заедниците, заедничкото решавање на предизвиците и создавањето нови можности за развој.

На настанот присуствуваа претставници на Министерството за локална самоуправа, Заедничкиот секретаријат во Ќустендил, Република Бугарија, градоначалници, претставници на институции, проектни партнери од двете земји и граѓанскиот сектор.

Во своето обраќање, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека прекуграничната соработка има особено значење за локалниот развој, бидејќи овозможува споделување искуства, обединување на капацитетите и заедничко дејствување во интерес на граѓаните од двете страни на границата.

Гоцевски нагласи дека ова не е само визија за иднината, туку реалност потврдена со речиси две децении партнерство меѓу Општина Делчево и Општина Благоевград, кое преку европската поддршка резултира со конкретни проекти и видливи придобивки за граѓаните.

„Општина Делчево и Општина Благоевград се традиционални партнери во прекуграничната соработка. Досега успешно реализиравме четири проекти финансирани преку претпристапната помош на Европската Унија – ИПА-програмата, а во моментов го реализираме и петтиот проект, со вкупна вредност од околу еден милион евра европска поддршка.

Но, поважно од бројот на проектите и висината на средствата е она што останува зад нив – инфраструктура што ги штити граѓаните, уредени јавни простори, енергетски заштеди, зачувана природа и нови можности за развој на локалните заедници. И, секако, партнерството и пријателството меѓу Делчево и Благоевград, кое ќе остане трајно сведоштво за вредноста на заедничкото дејствување и за идните генерации“, истакна Гоцевски.

Тој потенцираше дека европската поддршка има најголема вредност тогаш кога се претвора во конкретни резултати што го подобруваат секојдневието на граѓаните и создаваат услови за одржлив локален развој.

Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Владимир Стојановиќ, посочи дека успешните проекти се најдобра потврда за значењето на Програмата и нејзиниот придонес во развојот на локалните заедници, отворањето можности за младите и поврзувањето на граѓаните од двете страни на границата.

„Новиот скејт-парк изграден во Делчево со поддршка на Програмата е конкретен пример како европската соработка станува дел од секојдневниот живот на граѓаните. Министерството за локална самоуправа останува посветен партнер во спроведувањето на Програмата, а нашата цел е досегашното искуство да го преточиме во уште поквалитетни проекти и конкретни, видливи придобивки за граѓаните“, порача Стојановиќ.

Во рамките на настанот беа презентирани главните предизвици и постигнатите резултати во програмскиот период 2021–2027 година, како и следните чекори за продолжување на прекуграничната соработка во рамките на програмата ИПА 4 за периодот 2028–2034 година.

Во знак на пријателството и заедничката посветеност на одржливиот развој, по повод Денот на европската соработка ќе биде засадено дрво на локацијата на новиот скејт-парк во Делчево, изграден со поддршка на Програмата. Дополнително, во текот на утрешниот ден ќе се одржат спортски натпревари во трите училишта во Делчево, со што одбележувањето ќе ги вклучи и најмладите генерации.

Од 2007 година до денес, преку трите програмски периоди на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, поддржани се 206 проекти со учество на 463 организации, со вкупни буџети од околу 67 милиони евра.

Овие бројки ја потврдуваат важноста на европската соработка како двигател на локалниот развој, но и како можност за градење трајни партнерства, пријателства и заедничка иднина.

Пораката од Делчево е јасна: да продолжиме да градиме мостови на соработка, да отвораме нови патишта за развој и заеднички да создаваме иднина во која границите нема да нè разделуваат, туку ќе нè поттикнуваат да бидеме подобри партнери.

Shares