
Пешачкиот мост „Гоце Делчев“ на реката Брегалница добива нов лик. Од денеска се реализираат активности за санација, бојадисување и обновување на металната конструкција на мостот, со што ќе се подобрат неговата функционалност, безбедност и заштита, но и ќе се придонесе за неговиот поубав и поуреден изглед.
Со интервенцијата ќе се изврши соодветна заштита на металните површини, со цел да се спречи корозија и понатамошно оштетување и да се продолжи векот на траење на конструкцијата. Посебен акцент е ставен на заштитната ограда, чија безбедност и исправност се особено важни за секојдневното користење на мостот од страна на пешаците.
Поради изведувањето на работите, пешачкиот мост „Гоце Делчев“ привремено е затворен и забранет за користење од страна на пешаците. Општина Делчево апелира до граѓаните да ја почитуваат забраната и да користат алтернативни премини сè до завршувањето на работите, со цел да се избегнат ризици и да се овозможи непречено и безбедно изведување на активностите.
Работите ги изведува Друштвото за монтажа и услуги „АУТОМАТА ПЛУС“ ДООЕЛ увоз-извоз Битола, согласно Договорот за одржување на металната конструкција на пешачкиот мост, склучен со Општина Делчево, во вредност од 320.250 денари.
Оваа интервенција следува по претходно спроведената санација и целосна замена на оштетените делови од заштитната ограда, која во изминатиот период беше изложена на вандализам и несовесно постапување.
Општина Делчево апелира до граѓаните да се однесуваат одговорно кон јавната инфраструктура и заедничките добра. Јавниот простор е наше заедничко наследство, а неговото одржување и зачувување е одговорност на сите нас.
Да го чуваме она што е заедничко, затоа што уреденото и безбедно Делчево го градиме и го чуваме заедно.



