„Своја на своето“-Општина Делчево се приклучува кон кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

  • News

Општина Делчево се приклучува кон меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која има цел да ја подигне јавната свест, да поттикне поголема општествена одговорност и да испрати јасна порака дека насилството врз жените и девојчињата е неприфатливо и дека за негово спречување е потребно активно вклучување на сите чинители во заедницата.

Овогодинешната кампања е посветена на подигнување на свеста за економското насилство врз жените – една од најмалку препознаените форми на родово базирано насилство.

Економското насилство не е секогаш видливо, но неговите последици се сериозни. Тоа се манифестира преку финансиска контрола, ограничување на пристапот на жените до вработување и сопствени приходи, исклучување од наследни и имотни права, економска експлоатација, како и нееднаква распределба на неплатената грижа и домашните обврски.

Економската независност е право, а не привилегија. Секоја жена има право самостојно да одлучува за својата работа, приходите, имотот и иднината, без контрола, притисок или ограничувања.

Општина Делчево ја потврдува својата заложба за градење општество во кое жените и мажите имаат еднакви можности, права и пристап до ресурси, а секоја форма на насилство се препознава, пријавува и соодветно се санкционира.

Преку приклучувањето кон кампањата, Општина Делчево повикува на поголема информираност, солидарност и заедничко дејствување. Бидејќи еднаквоста започнува со почитување на правата, а општество без насилство се гради со свесност, храброст и одговорност од сите нас.

Shares