Регионална средба за унапредување на средното стручно образование

  • News

Од 450 компании од цела држава, 85 % искажале подготвеност да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава- покажала анализата на Министерството за образование и наука кое активно работи на унапредување на средното стручно образование.
Ова беше истакнато на сесијата во Берово која се одржа под мотото „Учи паметно, работи стручно”, на која присуствуваа министерката за образование и наука, Мила Царовска, компании од регионот, претставници од стопанските комори, средните стручни училишта од Берово, Пехчево, Делчево и М.Каменица, како и градоначалниците од овие општини.

Со директорите на средните стручни училишта и претставниците на реалниот сектор и на градоначалниците од регионот се разговара за образовните профили кои треба да се отворат во учебната 2021/2022 година, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска во Берово.

„Со јакнење на соработката и довербата помеѓу стручните училишта и реалниот сектор можеме заеднички да создадеме квалитетно средно стручно образование. Во светот овој модел на дуално средно стручно образование дава добри ефекти. И нашите компании треба похрабро да влезат во обуките за потребни вештини на учениците. Дебатите се одвиваат успешно, во голем број општини е договорено отворање на 2-3 дуални паралелки. Модуларното средно стручно дава можност за комбинирање во една паралелка на неколку профили”, нагласи Царовска.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, истакна дека последните години стручните насоки во делчевската гимназија се соочуваат со големи предизвици: да се организира настава во паралелки со едноцифрен број ученици.

-Слабиот интерес кај учениците за стручните насоки, изнаоѓањето решенија за да се смени оваа слика, често е тема за нас одговорните луѓе во општините, во советите, во самите училишта, па во таа насока иницијативата и напорите што ги презема клучното Министерство, за унапредувањето на средното стручно образование, со цел да се оствари примарната цел во креирање квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на труд што е пресудна алка во нашето стручно образование, се далеку од потребни и очекувам овој процес да донесе промени во целата слика. Нам ни требаат кадри кои ќе бидат потребни на пазарот на трудот, но и кадри кои ќе бидат подготвени да се вклучат во производствениот процес, ќе бидат барани од фирмите. Очекувам проактивен однос по ова прашање и од фирмите и заедно да издејствуваме промени во стручното образование, потенцираше Трајковски.

Во делчевската гимназија во двете стручни насоки, текстилна и прехранбена, во 4-те години од средното образование учат 50 ученици кои изведуваат феријална практична настава во делчевски компании.

Дијалогот кој се одвива под мотото „Учи паметно работи стручно“, се реализира низ целата држава, а целиот процес е поддржан и е во соработка со Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Shares