Ново возило за комунален отпад во ЈКП „Брегалница“

  • News
Комуналниот отпад во Делчево и поголемите населени места во општината ќе се собира со ново современо возило за собирање отпад. Возилото пристигна во дворот на ЈКП „Брегалница“ со што за прв пат од постоењето на ЈКП „Брегалница“ со сопствени средства е изврши набавка на возило за собирање комунален отпад чија вредност со пресметан ДДВ изнесува 7 милиони денари.
Возилото е марка рено, со капацитет од 14 м3 и еколошки стандард ЕУРО 6. Неговото ставање во функција значи решавање на горливиот проблем на претпријатието со честите дефекти на старите и дотраени возила, неможноста навремено и редовно да се собира отпад, но и зголемена ефикасност и ефективност во работата.
По приемот на возилото доставено од добавувачот „Симпекс“, градоначалникот Трајковски и директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојковски, истакнаа дека со оваа набавка ќе се реализира планот за целосен опфат на поголемите населени места со услугите за собирање комунален отпад.
– Ме радува фактот што ЈКП „Брегалница“ продолжува со инвестициите за набавка на нови машини и опрема. Набавката на ова возило беше неопходна, за да може да се одговори и на потребите на граѓаните од градот и поголемите населени места, а во пресрет на отворање на регионалната депонија кај Свети Николе, но и подобрување на ефективноста и квалитетот на услугите со што директно ќе се придонесе во борбата со дивите депонии, редовно и навремено собирање на комуналниот отпад што оди во насока за почисто Делчево, рече градоначалникот Трајковски.
ЈКП „Брегалница“ во текот на минатата година и во рамките на проектот за регионалната депонија доби ново возило за собирање отпад со капацитет од 4 м3, што не ги задоволуваше потребите, а заедно со новите 169 контејнери кои до крајот на овој месец ќе се распределат по населените места, целосно ќе се одговори на потребите на граѓаните рече директорот Стојче Стојковски.
-Ова е прва сопствена инвестиција во ново комунално возило во ЈКП „Брегалница“ и е согласно со бизнис-планот за работа на ЈКП за период 2018-2021 г и Годишната програма за работа. Ставањето во функција на новото возило ќе значи поредовно и поквалитетно собирање отпад, а ќе се реализира интенцијата на градоначалникот за собирање на отпадот од целата општина, односно да се вклучат и поголемите населени рурални места, Вирче, Стамер, Ѕвегор, и останатиот дел од руралните средини, потенцираше Стојковски.
Во последните три години во ЈКП „Брегалница“ се набавени машини и опрема во износ од 28 милиони денари, а вратен е и стариот долг кон УЈП во износ од 9 милиони денари.

Shares