Изложба и драмска претстава за крај на годинешните „Денови на хуманост“

  • News

Изложбата на дела од Ликовната работилница и драмската претстава со хуманитарен карактер „Вистина или лага“, беа завршните настани во рамките на годинешните 4-ти по ред „Денови на хуманост“ организирани со цел да се подигне свеста за лицата со хендикеп.

Драмската претстава исполнета со сатира и музика и одлична интерпретација на младите актери беше подготвена од драмското студио на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ под менторство на Маријана Стоименовска. Аплаузот и овациите од публиката беа достоен показател дека  целта на претставата е остварена.

Учениците работеа напорно претходните 3 месеци. Ценам дека успеавме да ја оствариме целта со позитивен дух и поттик да се разбие монотонијата во  овие денови на пандемија.  Презадоволни сме што публиката ја прифати претставата, а тоа ни дава поттик за планираните настапи во другите градови. Средствата кои се собраа за оваа претстава ќе ги донираме на Дневниот центар за лица со посебни потреби, рече Стоименовска.

Во фоајето на Спомен-домот АСНОМ е отворена изложбата со ликовните дела создадени на Ликовната работилница организирана по повод манифестацијата Денови на хуманост“. Како што информираше Александар Белогаски, стручен соработник во НУЦК ,,Н.Ј.Вапцаров” nајголем дел од учесниците на Ликовната работилница се членови на Ликовното атеље кое работи во состав на Центарот за култура од Делчево, но во работата беа вклучени и лица со попреченост кои ги учеа техниките на сликарството.

 Иако има и некои недовршени дела, сепак, генерално навистина сум импресиониран од она што е насликано. Се работеше во пастел техника, но буквално, на децата им беа овозможени повеќе техники, со цел изложбата да биде успешна, рече Белогаски.

Во годинешните 4-ти по ред „Денови на хуманост“ свој придонес дадоа учениците од ООУ „Ванчо Прке“, како и од ООУ „Св.Климент Охридски“ кои со свои креации и пораки, видеоматеријали, најразлични творби ја испратија својата порака по повод Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.

„Деновите на хуманост“ ги обединува локалните институции, Општина Делчево, ЈЛБ „Илинден“, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, образовните институции, Дневниот центар за лица со посебни потреби и Здружението „Бравура кооператива“, со цел заедно да се испрати порака за филантропија и општествена одговорност, да се подигне свеста за лицата со хендипек и нивното место во општеството. Активностите имаат заеднички именител-дека нема свет со различности и дека секој еден е важен.

Shares