Директорот на АХВ, Бабовски во посета на Делчево: Се преземаат мерки за спречување на ширење на Африканска свинска чума

  • News

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски денес имаше работна посета на Општина Делчево при што заедно со градоначалникот Горан Трајковски направија увид и контрола врз досега преземените мерки за спречување на појавата и ширењето на Африканска свинска чума и ги дефинираа идните активности во кои активно се вклучени Локалната самоуправа и ЈКП „Брегалница“.

По првичното констатирање на вирусот кај единки во одгледувалиште во делчевското село Драмче, како што истакна Бабовски спроведена е акција за депопулација на домашните свињи во радиус од три километри од првичното жариште, за што сопствениците ќе добијат финансиско обештетување.

-Во заштитената зона од 3 километра треба да се уништат сите животни кои се тука затекнати, за што сопствениците ќе добијат одредена финансиска надокнада. Тоа нема да биде на нивна штета и нема да има финансиски негативен ефект врз држателите на овие животни. Во останатата надзорна зона која се протега во радиус од 10 километри исто така ќе се изврши депопулација. Кај оние свињи кај кои ќе се дијагностицира дека се во добра здравствена состојба дека кај нив не е присутен вирусот, од секоја една свиња ќе се земе примерок за испитување, ќе одат на економско искористување во кланиците, каде што ќе им биде надоместено исто така финансиски се она што претставува пазарна вредност на овие животни, вели Бабовски.

Мерки кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги презеде овие денови преку активирање на Националниот центар за контрола на болести заедно со сите институции и Локалната самоуправа како што додаде Бабовски има за цел да државата што побрзо да си го поврати статусот на земја слободна од Африканска свинска чума.

-Досега се боревме и ја заштитивме државата од влијанијата од соседните држави каде веќе беше констатирана оваа болест која е доста контагиозна, завршува со летален исход по свињите и претставува голема економска штета која може да се јави во свињарството. Заради тоа уште од првиот ден значи од 06.01.2022 имаме комплетна мобилност на Агенцијата, на Локалната самоуправа и на сите членки во Националниот центар за контрола на болести, додаде директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во изминатите 5 дена како што додаде градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски општината се мобилизираше во однос на болеста при што во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Кризниот штаб секојдневно се одржуваат координативни состаноци. Поради ова апелираше на зголемена свест на сите засегнати да се почитуваат мерките кои се утврдени соцел спречување на понатамошно ширење на оваа болест.

-Иако ова жариште за жал е на територија на нашата општина, да придонесеме сите да не се рашири ова жариште на територијата на други општини и цела држава, каде би имале многу поголеми финансиски импликации и како држава и како луѓе. Ние како Локална самоуправа ќе работиме на подигање на свеста на сите оние иматели на свински грла за да ја сфатат оваа поента, а од друга страна и како инстутуција и како локална самоуправа, Јавно комунално претпријатие, МВР и сите останати ги преземаме сите активности во координација со АХВ, во што побрз временски рок, биде ставена под контрола болеста Африканска чума кај свињите.

Shares