„Чиста вода за Делчево-спортуваме и донираме“-во Делчево одбележан Светскиот ден на водата

  • News

Денеска, кога светот го одбележува Светскиот ден на водата, 300 ученици од основните училишта од Делчево, заедно со дечиња од детската градинка и од Дневниот центар за лица со посебни потреби, се вклучија во настанот „Чиста вода за Делчево- спортуваме и донираме“. Целта на активностите е значајна: да се подигне свеста за значењето на чистата вода за пиење и да се потенцира значењето за Делчево на проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“, финансиски поддржан од Швајцарската Влада и од Владата на РСМ, но и да се сврти вниманието кон хуманоста и да се помогне на оние на кои им е потребна помош.

Во рамките на настанот, освен ликовни творби на тема „Чиста вода за Делчево“, штитениците од Дневниот центар со посебни потреби изработија макета на тема „Брегалница“, а беше организирана и спонзор трка, во која натпреварувачите трчаа и за секој поминат километар добиваат надомест (награда) која потоа ќе биде донирана на децата со посебни потреби.

Како што истакна Јулијана Лапевска од Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, од Делчево се собрани околу 80.000 денари, дел се материјални награди, а дел парични средства. Од Проектот за водоснабдување на Делчево и консултантската фирма ЕБП од Швајцарија, се собраа 2.500 швајцарски франци. Овие средства ќе бидат наменети за купување реквизити за сензорните соби во двете основни училишта и за Дневниот центар за лица со посебни потреби.

Градоначалникот Горан Трајковски истакнувајќи дека водата е дефицитарен ресурс, посочи дека водејќи се од обврската да се овозможи овој ресурс до сите населби во нашата Општина, изминативе години интензивно се работи за да се обезбеди чиста вода за пиење во Делчево.

-Го реализираме најголемиот проект во историјата на Делчево со поддршка на Швајцарската Влада и Владата на РСМ, за да изградиме пречистителна станица за вода за пиење во Делчево, градиме нови водоводни системи во Ѕвегор и Габрово, а очекувам нова поддршка од Владата и од Швајцарската Влада од 1, 5 милион швајцарски франци за изградба и на нов водоснабдителен систем во село Вирче и доизградба на сите објекти кои ќе овозможат Делчево да добие современ водоснабдителен систем кој ќе донесе одличен квалитет на водата со минимум загуби. Воедно, перманентно работиме на реконструкција на градската водоводна мрежа во должина од 5,7 км со што 90% од водоводниот систем во Делчево ќе биде со пвц-инсталации, посочи Трајковски.

Директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојче Стојковски, го потенцираше значењето на настанот.

-Сакам да потенцирам дека како ЈКП работиме за да создадеме услови за здрав и квалитет живот на нашите сограѓани, а наша основна цел и наша обврска е одржливо управувањесо водните ресурси. Изразувам посебна благодарност до сите учесници на настанот, на сите правни и физички лица кои дадоа придонес за организацијата на настанот, рече Стојковски.

Во настанот по повод Светскиот ден на водата се вклучија ООУ „Св.Климент Охридски“, ООУ „Весели цветови“, ОО на Црвен крст-Делчево, Дневен центар за лица со посебни потреби, а организацијата е на Општина  Делчево, ЈКП „Брегалница“ и Проектот за подобрување на  водоснабдувањето во Делчево.

Општина Делчево изразува благодарност до донаторите на настанот: Проектот за подобрување на водоснабдување на Делчево и консултантската фирма ЕБП од Швајцарија, ФРОТИРКА-КОМПАНИ, ДАМЈАНОВ, НЕ-ФИ, КРЗНО, ЛУКАТЕКС, ВИТЕКС, СОНИТЕКС, ДИП-ТИМ, вработените во Општина Делчево и во ЈКП „Брегалница“.

Shares