Во Делчево традиционално одбележана Европската недела на имунизација

  • News
Во рамките на Европската недела на имунизација Општина Делчево во соработка со НВО „КХАМ“ спроведе акција за подигање на свеста за значењето на вакцините како единствена заштита од заразни болести и спречување епидемии.
По тој повод беше доделен пропаганден материјал за значењето на имунизацијата, а исто така беа доделени и 10 хуманитарни пакети.
Акцијата се спроведува повеќе од 10 години, а целта е да се излезе на терен, да се проверат картоните за имунизација кај децата до 1 година, како и да се подигне свеста за важноста од редовната вакцинација.
Широката примена на програмите за имунизација во последниве триесет години доведе до драстично намалување на стапките на заболување и смрт предизвикани од болести кои може да се спречат со вакцини.
Вакцинацијата е една од најуспешните превентивни мерки за заштита на здравјето на населението. Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината. Во Република Северна Македонија, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација сѐ повеќе се зголемува. Првата вакцинација во Република Северна Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза.
Shares