Делчево и Разловци одбележуваат 147 години од Разловечкото востание

  • News

 

Со пригодна свеченост традиционално организирана во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци, денеска Делчево и селото Разловци одбележаа 147 години од Разловечкото востание, прво вооружено востание со кое отпочнува бурниот Предилинденски период за слободна и самостојна  македонска држава.

Програмата започна со пригоден реферат посветен на историските моменти и значењето на Востанието подготвен од членовите на КУД „Гоце Делчев“, додека делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, политички партии, здруженија на граѓани, положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието, а поставено на влезот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци.

Градоначалникот Трајковски по повод годишнината од Востанието истакна дека Разловечкото востание е симболот на нашиот непокор,а храбрите востаници и жителите на Разловци се светол пример во нашата историја.

-Сите ја знаеме историјата од која треба да учиме. Но, јас сум максимално посветен – заедно да ја градиме сегашноста и иднината, да оставаме печат за идните генерации што ќе донесе развој и просперитет. За граѓаните кога се работи, потребни се конкретни дела, а не празно чукање в гради и повторување флоскули кои не значат ништо. Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село, а продолжуваме и понатаму, искрено и одговорно. Го остваривме клучното ветување, го изградивме стариот локален пат Делчево- Тработивиште со што и ова најоддалечено село во нашата општина има современа патна алтернатива и не зависи од надојдените води на река Брегалница, а во програмата за реализација за оваа и идната година на ЈП Државни патишта е и рехабилитацијата на локалниот пат Тработивиште-с. Разловци по целата негова траса. Покрај реализацијата на овие проекти за Разловци, во подготовка е изградба на нови улици во селото, истакна Трајковски.

Во рамките на културно-уметничката програма настапија ученици од ПУ „Св.Климент Охридски“ од с. Разловци, како и КУД „Гоце Делчев“, ФГ НУЦК „Никола Јонкова Вапцаров“ и ФГ „Копачка.

Настанот беше во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ со поддршка на Минситерството за клутура.

По повод 147 години од Разловечкото востание, се одржа и традиционалниот планинарски марш.

Shares