Делчево одбележува 154 години од раѓањето на великанот Гоце Делчев

  • News

Со пригодни свечености, Делчево денеска одбележува 154 години од раѓањето на патронот на градот, Гоце Делчев, апостол на револуционерната борба, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

По тој повод, за животот и делото на Гоце Делчев, реферат подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, како и делегација од Советот на Општина Делчево, претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани.

По повод годишнината од раѓањето на патронот на градот, градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека Делчево треба да биде промотор на ликот и делото на Делчев, бидејќи -неговиот живот беше завет, а неговото дело е наш аманет и патоказ за нас и за идните генерации.

-Чествувајќи го денот на неговото раѓање, Делчево денес со посебен пиетет се поклонува пред спомен-обележјето на нашиот патрон. Гордо промовирајќи ја неговата визија вткаена на темелите на македонската национална мисла и со почит го славиме богатото наследство што тој ни го остави.  Како негови следбеници имаме обврска да ја градиме нашата општина достоен носител на неговото име, бидејќи Делчев е ликот кој обединува, а не разединува. Делчев е ликот на просперитетот и напредната мисла. Учејќи од него, продолжуваме по патот на прогресот, истакна Гоцевски.

По повод 154-годишнината од раѓањето на Делчев, во СОУ „М.М.Брицо“ ќе се одржи историски час посветен на ликот и делото на Гоце Делчев. На настанот свое обраќање ќе имаат професорите Митко Антовски, Билјана Петровска и Спиридон Митевски.

Инаку, Делчево од 23 април 1950 година со Одлука на Президиумот, го добива името на великанот, идеолог и деец на Македонската револуционерна организација, Гоце Делчев.

Shares