Делчево во сино: се одбележа Светскиот ден за подигање на свеста за аутизам

  • News

Ученици и активисти облечени во сино, делеа флаери и испратија силна порака за поддршка и прифаќање по повод Светскиот ден за подигање на свеста за аутизам.

Во рамките на своите активности тие посетија неколку институции, а осварија и средба со  градоначалникот Иван Гоцевски на која се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат лицата со аутизам, но и за другарството, разбирањето и емпатијата, како најважни вредности.

Градоначалникот Гоцевски испрати порака дека секое дете е важно, секое дете заслужува љубов и секое дете има свое место во овој свет.

-Како одговорна општина, пружаме рака за поддршка. Соработуваме со граѓанските организации и институции кои работат на ова поле со цел да изградиме систем на една хумана општина, каде секој еден е вреден и важен и има еднакви можности. Затоа, од овде сакам да испратам порака: да бидеме погласни во поддршката, потрпеливи во разбирањето и похрабри во градењето на општеството, каде секој има еднаква шанса. Да ги научиме нашите деца да прифаќаат, а не да осудуваат. Да создадеме средина каде различноста не се крие, туку се слави, порача Гоцевски.

Како дел од активностите, денеска во организација на ОО на Црвениот крст Делчево, а во соработка со Општина Делчево и Здравствениот дом, во ООУ „Ванчо Прке“ се одржа работилница со цел да се запознаат учениците со аутизмот и аутистичниот спектар на нарушување и како овие ученици можат да им помогнат на децата кои имаат аутизам.

Shares