Шест сонца и пехар за делчевските волонтери на Црвениот крст

  • News

Волонтерите на Општинската организација на Црвениот крст на Македонија-Делчево освоија прво место во рамките на Проектот Црвен крст во акција – Промоција на хумани cредности (ЦКА-ПХВ), освојувајќи 6 сонца за сите 6 проекти.

Промоцијата на наградите и на Проектот кој веќе 30 години успешно се реализира во Македонија се одржа денеска во Делчево, каде присуствуваа волонтери и претставници од Црвениот крст од цела држава, како и генералниот секретар на Црвен крст на Македонија, Саит Саити и градоначалниците од Делчево и М. Каменица.

Настанот го отвори претседателката на ОО на Црвениот крст-Делчево, Билјана Ѓеоргиевска која нагласи дека посебна чест претставува фактот што оваа година Општинската организација на Црвениот крст Делчево го освои првото место на државно ниво.

Ова признание не дојде случајно. Тоа е резултат на многу часови работа, посветеност, планирање, теренски активности, соработка со институции и пред сè огромна желба да се помогне таму каде што е најпотребно. Во текот на циклусот беа реализирани шест проекти, а секој од нив беше оценет со највисоката можна оцена – „сонце“. Во ПХВ програмата, сонцето претставува највисоко признание за проект кој има значително и трајно влијание врз заедницата, рече Ѓеоргиевска.

Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека е горд на младите волонтери, на нивниот труд и ентузијазам и на постигнатиот успех со што се издигна Делчево и ОО на Црвениот крст на пиедесталот на хуманоста и солидарноста.

-Како локална самоуправа остануваме посветени да бидеме партнери во вашата мисија, да бидеме поддржувачи на вашите активности и заедно да ја достигнеме целта-да изградиме похумано, посолидарно и побезбедно општество. Посебно изразувам благодарност до генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, г-от Саит Саити, за неговата поддршка на нашиот град во тешките моменти за нас. Изразувам благодарност и до сите претставници на Црвениот крст на Македонија, за одличната соработка со Општина Делчево, но и за партнерството што го градиме со Општинската организација во Делчево и за нивниот придонес во заедницата, нагласи Гоцевски.

Општинската организација на Црвениот крст Делчево со својата дејност и активности ја покрива и соседната Општина Македонска Каменица. Градоначалничката Соња Стаменковска истакна дека како знак на поддршка за нивната работа и посветеност, оваа година Општината ќе им додели простор за користење без надоместок, бидејќи вложувањето во младите и во волонтерството е инвестиција во иднината.

Оваа година е особено значајна бидејќи се одбележуваат 30 години од спроведувањето на ПХВ програмата во Македонија. Три децении во кои илјадници млади луѓе низ државата стекнале искуства, создале пријателства, реализирале стотици проекти и помогнале на илјадници граѓани. Овој јубилеј претставува симбол на континуитет, посветеност и успех, но и потврда дека вложувањето во младите е една од највредните инвестиции за иднината на секоја заедница. Генералниот секретар на Црвен крст , Саит Саити порача дека денеска е ден за гордеење и дека  Делчево е денеска Македонија.

Освен ОО на Црвениот крст Делчево, награди добија и: ОО на Црвен крст Тетово за освоено второ место,  а третото место го поделија ОО на Свети Николе и на Демир Хисар.

 

Shares