
Во Делчево 44 правни субјекти аплицирале по мерката од Оперативниот план за вработување- Вработување и раст на правни субјекти со можност за вработување на 65 невработени лица, додека во државата по оваа мерка има преку 1.700 пријави за вработување невработени лица и преку 1.400 компании кои се пријавиле за вработување на лица.
Овие податоци беа пласирани на денешниот настан организиран од Општина Делчево и Министерството за економија и труд- Информативен ден за мерката „Вработување и раст на правните субјекти“, на кој се обратија заменик-министерот за економија, Марјан Ристевски, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски и раководителката на Агенцијата за вработување од Делчево, Маја Вирчанска. Настанот предизвика голем интерес кај делчевските компании и невработени лица.
На презентацијата беше промовиран Оперативниот план за вработување, посебно актуелната мерка ПОДДРШКА ЗА КРЕИРАЊЕ НОВИ РАБОТНИ МЕСТА која е насочена за компаниите. Основна цел на мерката е поддршка во креирање нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации.
Првата поддмерка е „Вработување и раст на правни субјекти" преку која ќе се поддржат компании финансиски за вработување лица, а вкупниот опфат изнесува 1.385 лица. Вкупниот буџет за оваа мерка е околу 5,4 милиони евра!
Заменик-министерот Ристески истакна дека дури 80% од оваа мерка и од мерката самовработување даваат резултати што покажува дека се исправни мерки, со цел намалување на степенот на невработеност и помош младите да останат во државата. Секоја компанија има можност да добие од 850.000 ден до 1.250.000 ден субвенција и зависи од големината и видот и можат да вработат до 5 лица, нагласи Ристески.
Градоначалникот истакна дека овој настан има голем придонес за развојот на економијата и намалување на невработеноста.Тоа значи и повеќе даноци во општинската каса и повеќе проекти назад во интерес на граѓаните. Како Општина активно ќе го следиме оперативниот план и ќе ги искористиме мерките да аплицираме и да вработиме невработени лица посебно за ангажирање пожарникари за потребите, посочи Гоцевски.
–Општина Делчево останува активен партнер во креирањето услови за економски развој, поддршка на локалните компании и отворање нови работни места, нагласувајќи дека секоја ваква мерка претставува можност за раст на стопанството и задржување на младите во општината, истакна Гоцевски.









