Пожарот кај с. Бигла под контрола

  • News
Големиот шумски пожар што избувна вчера во атарот на с. Бигла од синоќа е локализиран и состојбата е под контрола. Од раните утрински часови ангажираните екипи од ТППЕ Делчево, ЈП „Македонски шуми“- „Голак“ Делчево, МВР- Гранична полиција и ПС- Делчево, доброволци и месно население, како и екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, се на теренот и се движат по линијата на огнот со цел да не се дозволи негово повторно разгорување и ширење. За контрола на пожарот, направена е опсервација со дрон при што се дефинирани критичките точки на опожарената површина.
Увид во новата состојба на теренот, утрово изврши градоначалникот Иван Гоцевски кој изрази благодарност до сите екипи, институции, соседни општини и доброволци кои се вклучени во борбата со огнената стихија.
-Од мое лично име и од име на Општина Делчево упатувам искрена благодарност до  сите институции и служби кои максимално се вклучија во справувањето со пожарот.
Посебна благодарност до Црвениот крст и ИМП Делчево, до пожарникарите од Делчево и другите општини, до Македонски шуми и МВР, до волонтерите, до локалното население, до моите колеги градоначалници од соседните општини, но и до секој еден човек кој денес, на еден или друг начин, даде свој придонес во локализирањето на пожарот. Во вакви моменти се покажува силата на заедништвото. Кога сите сме обединети, можеме многу повеќе. Ви благодарам на сите за пожртвуваноста, храброста и солидарноста, нагласи Гоцевски.
Инаку, според првичните информации, опожарена е површина од околу 130 хектари, а со брзата мобилизација и координацијата на големиот број сили огнената стихија беше  ставена под контрола за кратко време.
Во гаснењето беа мобилизирани повеќе од 300 луѓе, како и голем број специјализирани возила, тешка механизација, авиони и хеликоптери. На терен биле ангажирани екипи од ТППЕ Делчево и противпожарни единици од околните општини, Просторните сили на Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“, вработени во ЈП „Македонски шуми“ од Делчево, МВР, ДЗС, ЦУК, доброволни противпожарни друштва, ловци, планинари и доброволци.
Во текот на денот биле загрозени неколку маала во Бигла, но со брзите интервенции огнот бил спречен да стигне до куќите. Засега нема информации за загрозени човечки животи, но неколку лица кои биле ангажирани во гаснењето имале полесни проблеми поради вдишување чад и се во добра здравствена состојба.
Shares