Работна средба за проширување на капацитетите на детските градинки – можност за нови инвестиции и за Општина Делчево

  • News

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, присуствуваше на работната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посветена на можностите што ги нуди актуелниот Јавен повик за добивање грант за проширување на капацитетите на установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.

Средбата се одржа во Клубот на пратениците во Скопје, во рамки на Вториот проект за подобрување на социјалните услуги, со учество на градоначалници и претставници на општините од земјата.

На средбата беа презентирани условите и начинот на аплицирање на јавниот повик, како и можностите за поддршка на општините при подготовката на проектните апликации. Посебен акцент беше ставен на можноста неискористени училишни и општински простории, преку нивно реновирање, адаптација и опремување, да бидат пренаменети во современи простории за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.

За Општина Делчево, ваквите можности се од особено значење во насока на создавање подобри услови за најмладите и унапредување на предучилишното образование и згрижување на децата.

Министерот Велковски истакна дека проширувањето на капацитетите на детските градинки претставува важен приоритет, особено во средините каде што има потреба од дополнителни места за згрижување на децата.

Јавниот повик е отворен до 30 септември 2026 година, а Проектната единица ќе обезбедува поддршка за општините во процесот на подготовка на апликациите.

Општина Делчево продолжува активно да ги следи и користи можностите за поддршка и инвестиции во предучилишното образование и создавање подобри услови за раст, развој и благосостојба на децата.

Shares