Најмалите учеа како да се движат безбедно

  • News

Со сообраќајно-едукативно предавање во ООУ „Ванчо Прќе“ во Делчево денеска започна реализацијата на кампањата „Се движиме безбедно“ која има за цел да ја унапреди безбедноста на пешаците со акцент на децата како учесници во сообрќајот.

Преку денешното предавање најмалите учесници во сообраќајот – првачињата се запознаа со  основните правила и прописи наменети за нивната возраст, како што се: преминување на пешачки премин, преминување на улица каде нема обележан пешачки премин, движење по тротоар, сообраќајна сигналзиација со која се обележани пешачките премини итн.,  а беше реализирано и нагледно предавање на улицата околу училиштето каде беа разработувани практични примери.

Кампањата „Се движиме безбедно“ поаѓа од идејата децата ученици преку сообраќајно – едукативни предавања, нагледни предавања на улица и работилници во детската градинка, основните училишта и средното училиште се запознаат со правилата и прописите за безбедно и одговорно учество во сообраќајот согласно нивната возраст и на тој начин да се влијае кон формирање на позитивни ставови кај децата и подигнување на јавната свест за одговорно учество во  сообраќајот.

Активностите се во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево и Општина Делчево, а во соработка со основните училишта „Ванчо Прке“, „Св.Климент Охридски“, СОУ „Методи Митевски- Брицо“, Детската градинка „Весели цветови“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, МВР ОВР Делчево, Регионалниот центар за гранични работи – Исток, Советот на млади во Општина Делчево и други заинтересирани лица.

Безбедноста на децата во сообраќајот потребно е да биде дефинирана како највисок приоритет на локално и нацонално ниво имајќи го предвид фактот дека тие припаѓаат во групата  ранливи учесници во сообраќајот за кои е потребно да бидат унапредени условите за нивно безбедно движење по улиците и патиштата, но и да се зголемат нивните знаења за сообраќајната инфраструктура, сообраќајната сигнализација и правилата и прописите преку кои би се самозаштитиле како учесници во сообраќајот.

Анализата на податоците за СН за 2025 година покажуваат дека во 3% од СН учествувале деца од старосната категорија 0-14 години, а во 17%  од СН учествувале деца и млади од старосната категорија 15-24 години односно 20% од вкупниот број евидентирани лица кои учествувале во СН се деца и млади од овие старосни категории. Исто така согласно распределбата на лица кои учествувале во СН во зависност од старосната структура и последиците се забележува дека 30% од вкупно повредените лица се од старосните категории 0-14 и 15-24 години.

СЕ АПЕЛИРА ДО ВОЗАЧИТЕ НА ДЕЛОТ ОД ПАТОТ ИЛИ УЛИЦАТА КАДЕ СЕ ДВИЖАТ ДЕЦА ИЛИ СЕ ПОСТАВЕНИ СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ЗА УЧЕСТВО НА ДЕЦА ВО СООБРАЌАЈОТ, ДА ВОЗАТ СО ОСОБЕНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ И ПРИЛАГОДЕНА БРЗИНА ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ВОЗИЛОТО ВО СЛУЧАЈ НА ПОТРЕБА!!!

Shares